Новинарот и уредник, Александар Чомовски, во неговото денешно гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77, по повод последните настани со случајот „Рекет“ каде осомничен е Бојан Јовановски – Боки 13, кој се претставува како сопственик на 1ТВ, рече оти последен ќе го напушти медиумот.
– Јас сум капетанот што последен ќе го напушти бродот – рече Чомовски, кој во разговор со новинарот Столе Наумов додаде оти ако треба и светлото ќе го изгасне.
Но, Чомовски кажа и оти останува во телевизијата со младите новинари, да се бори за да се спаси медиумот.
– Не се откажувам, имам исконска потреба од нешто што згаснува да создадам нешто ново – рече новинарот.
Во емисијата телефонски се јави и адвокатот Александар Тортевски кој праша како такви новинарски имиња не знаеле од каде му се парите на газдата, на што Чомовски одговори дека тие не се ниту адвокати, ниту УЈП.
За случајот „Рекет“, каде се зборува дека бизнисменот Орце Камчев е тој што пријавил во обвинителство, Чомовски рече оти не му е јасно како еден бизнисмен како Камчев може да се исплаши од човек како Бојан Јовановски, алудирајќи дека станува збор за поголема игра.