Општина Охрид не ги предала ингеренциите, сака заедно со Владата да ги сотре дивоградбите

130

Охрид до сега нема испратено официјално барање до Владата во врска со изземање или отстапување на ингеренции во одредена сфера од работењето на локалната самоуправа, соопштија од Општината.

Оттаму велат дека очекуваат заеднички со Владата преку плански и стартешки пристап, постепено, чекор по чекор ќе ги решава сите препораки на УНЕСКО и дека ќе се поправат сите грешки од минатото, направени од претходните власти. Целта е, како што велат, на наредната сесија на Комитетот за светско наследство, конечно да биде отстранета опасноста за ставање на Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност.  

„Во процесот на исполнување на препораките на УНЕСКО, Општина Охрид веќе има постапено по Препораката број 9 за Изработка на Регистар за нелегални градби, по Препораката број 19 со реализираната акција за отстранување на палмите кои се неавтохтони и инвазивни видови и со започнатата акција за отстранување на рекламните билборди од централното градско подрачје. Исто така веќе имаме спроведено и активности по Препораката број 18 за Регулација на сообраќајот во Стариот дел на градот. Беа организирани две јавни трибини со жителите на урбаната заедница Стар град со цел да се разменат мислења за режимот на сообраќај и начинот на негово регулирање. Веќе започна да функционира системот за електронско евидентирање на движењето на возилата во овој дел од градот, а за таа цел се издадени посебни картички за евиденција на моторни возила“, пишува во соопштението од Општина Охрид.

Во моментот општинските служби, потенцираат, вршат поединечна ревизија за секој предмет кој е дел од Регистарот на дивоградби и поеднечно ќе се носат одлуки за понатамошно постапување. Исто така во тек е постапката во врска со Огласот за јавна набавка за ангажирање на фирма за рушење. 

Сите активности кои Општина Охрид ќе ги преземе во наредниот период во однос на исполнување на препораките на УНЕСКО, посочуваат оттаму, ќе се одвиваат во согласност со сите законски процедури, во постојана координација и комуникација со останатите надлежни државни институции, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...