Кларинетистот од Данска кој потекнува од Битола, Бјонко Стошиќ Петерсен, ќе настапи со својот бенд „Bjonko & The Balkanbeat Band“ вечер од 21 часот во Сули ан. Концертот е во рамки на „Скопско лето“ и во соработка со „Локум фест“.
Бјонко Стошиќ е роден и израснат во Копенхаген, а потекнува од семејство на музичари од Битола. Ментор му бил познатиот македонски кларинетист Чапче Наумовски, чиј балкански звук и свирење по фрази се типични за јужномакедонскиот регион.
Бјонко настапувал на најголемите дански музички фестивали и е добитник на данската награда за настапи во живо на „DMA World“ во 2015 година. Соработува со бендови и артисти од секаков жанр, од авангардни експерименти до спој на традиционалната балканска музика со модерниот западен рок, поп и хип-хоп.
Повеќе од две децении тој на скандинавската музичка сцена ги носи балканските ритми на кларинет и саксофон. Покрај него, во бендот „Bjonko & The Balkanbeat Band“ се и: Расим Дураковиќ – хармоника, Расмус Ларле Дамсгард – бас, Расмус Волден – гитара и Микел Вилингсхој – тапани.