Управата за јавни приходи (УЈП) денеска постави штанд со апарати за поврат на ДДВ кај супер маркетот „Веро 2“, во населбата Тафталиџе. На штандот граѓаните ќе може да скенираат фискални сметки, а екипите на терен ќе им помагаат на оние кои не знаат или немаат можност да ја користат апликацијата „Мој ДДВ“ за поврат на 15% од платениот ДДВ. Проектот има за цел го регулира бизнисот и да ги намали скриените трансакции.
– Јас денеска се приклучувам на акцијата сѐ со цел да ги повикам граѓаните што повеќе да ја користат апликацијата бидејќи со неа имаме двојни придобивки. Едната е дека на крајот од годината може да добиеме поврат на средства, а втората придобивка е што сите заедно придонесуваме кон разбивање на сивата економија која што врши штета на сите. И на нас како градоначалници што помалку се плаќа данокот толку помалку имаме средства за инвестирање во проекти. Токму затоа и ние градоначалниците треба да се приклучиме кон акцијата – изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на општина Центар.
Богдановиќ информираше дека од 1 јули, односно од кога почна повратот на ДДВ биле скенирани 3.514,016,00 сметки.
Условите за поврат на 15% од данокот на додадена вредност се следни: корисникот да е постар од 15 години, да поседува документ за лична идентификација, да поседува трансакциска сметка и да е најавен на системот на УЈП „Е-Персонален данок“. За користење на апликацијата неопходен е паметен телефон.
Управата за јавни приходи за поддршка во процесот во своите 36 подрачни единици низ земјавa ќе отвори информативни штандови: киоск апарати, бар код читачи и паметни телефони преку кои ќе може на лице место да се регистрира фискалната сметка.