Финансиски дебакл на „Боинг“ по паѓањето на два „737 Макс“ авиона

911

Американскиот производител на авиони „Боинг“ соопшти денеска дека неговата добивка во вториот квартал ќе биде намалена за 4,9 милијарди долари.

Загубата се случува по еднократниот трошок, кој компанијата го претрпела поради приземјувањето на својот авион „737 Макс“ низ светот по двете катастрофални несреќи.

Тоа воедно ќе биде и најголема квартална загуба во историјата на „Боинг“ откако компанијата во следниот период ќе ги објави своите финансиски резултати.

Имено, вкупните трошоци на „Боинг“ поради намалениот обем на продажба, падот на производството и исплатата на отштетите на семејствата на жртвите во двете катастрофални авионски несреќи, ќе изнесуваат 6,6 милијарди долари, а во таа сума не спаѓаат финансиските средства што компанијата ќе мора да ги издвои за тужби, кои, како што се очекува, ќе ги поднесат членовите на семејствата на жртвите.

„Боинг“ соопшти дека „737 Макс“ би можел да се врати во употреба на есен. Тој тип на авиони е приземјен откако еден се урна во Индионезија во октомври 2018 година, а вториот во Етиопија во март оваа година. Вкупно загинаа 346 патници и членови на екипажите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...