Рамуш Харадинај поднесе оставка од премиер на Косово

1051
PHOTO: EPA/OLIVIER HOSLET

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска поднесе оставка на функцијата, за време на одржување на седница на косовската Влада, јави Бота сот.

– Оставката е неотповиклива – рече Харадинај.

Тој образложи дека оваа одлука е донесена откако добил покана од Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг.

Тој негираше дека зад неговата одлука има политички мотиви.

– Косово треба да се подготви за избори. Владата и во оставка ќе ги врши своите задачи до слободните избори, сега одговорноста е кај претседателот на државата. Јас повторно му се нудам на народот за да ја добијам довербата. Не сум обвинет, туку само сум осомничен. Колку што ќе ми даде народот доверба ќе ја почитувам. Ќе излезам на избори, и јас исто така и ААК, но не можев да ја доведам државата во таква ситуација – рече тој.

Ова е вторпат косовскиот премиер да поднесе оставка од функцијата, како осомничен за воени злосторства.

На косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај му е судено во Хашкиот трибунал за воени злосторства на Косово, но во 2012 година правосилно е ослободен од сите обвиненија.

Трибуналот вторпат го ослободи сега веќе поранешниот косовски премиер и екс лидер на ОВК од вината за извршени злосторства врз цивили на Косово во 1998 година.

Харадинај, пред да се приклучи на Ослободителната војска на Косово, работел како обезбедување во еден ноќен клуб, а во 2004 година стана премиер, како лидер на Алијансата за иднината на Косово.

По 100 дена поминати на премиерската функција пристигнало обвинение од Хаг, по што поднел оставка и доброволно му се предал на Трибуналот.

Првпат Рамуш Харадинај и Идриз Бељај биле ослободени по сите точки од обвинението пролетта 2008 година, а Љах Брахимај поради извршено злосторство во Јабланица е осуден на шест години затвор. Две години подоцна, жалбениот совет на Трибуналот побарал судењето да биде повторено, но по значително скратено обвинение.

Усвојувајќи ја жалбата на Обвинителството, апелацискиот совет на Трибуналот кон крајот на јули 2010 година побарал судскиот процес да се повтори по шест од 37 точки на обвинението, ограничени на злосторствата во Јабланица.

Хашкиот суд во 2012 година по вторпат го ослободи Харадинај од вината за извршени злосторства врз цивили во западниот дел на Косово.

Рамуш Харадинај беше обвинет за убиства, лошо однесување и нехумани постапки во импровизираниот заробенички логор на ОВК во селото Јабланица кај Дечани.

Образложувајќи на пресудата во 2012 година, судијата Молото истакна дека е утврдено оти „не постојат веродостојни докази дека Рамуш Харадинај знаел за злосторствата во Јабланица“.

– Оваа пресуда, на крајот од најдолгиот и најисцрпувачки кривичен процес кој е воден досега во историјата на меѓународното кривично право, претставува целосна потврда за невиноста на господинот Харадинај. Таа докажува без малку сомнеж дека тој е воен херој, а не воен злосторник, изјавил тогаш неговиот адвокат Бен Емерсон.

PHOTO: EPA/OLIVIER HOSLET

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...