Целосно ги демантираме тврдењата дека Бојан Јовановски ја финансирал кампањата на градоначалникот на Општина Карпош и член на Извршен одбор на СДСМ, Стефан Богоев, соопшти СДСМ.
„Коалицијата за локални избори предводена од СДСМ, во кампањата за локални избори 2017 година, за сите кандидати за градоначалници на СДСМ, вклучително и за Стефан Богоев има склучено договори за закуп на билборди. Плаќањата за закупените билборди се извршени преку Наменеската сметка за локални избори 2017 година.
Лага е дека се плаќало на луѓето кои работеле во кампањата за Стефан Богоев. Во кампањата на Богоев, но и во кампањите на сите други кандидати за градоначалници, на волонтерска основа делуваат активистите и членовите на СДСМ и коалициските партнери. Не се плаќало ниту за дневници, ниту за други трошоци. Сериозна лага е веста дека се купувале гласови во Нерези и Злокуќани! Заврши времето кога се вршеше поткуп за глас или се уценуваше со присуство на митинг за да се задржи работното место“, се наведува во реакцијата по објавениот текст во „Вечер“.
„Лажните вести најдобро говорат за ВМРО-ДПМНЕ и за квази новинарите, кои немаат храброст да се потпишат зад текстот. Лажните текстови се рефлексија на фактот што во Карпош повеќе нема соработка меѓу градоначалникот и градежната урбана мафија, туку законот важи подеднакво за сите инвеститори. Општина Карпош денеска е меѓу водечките локални самоуправи, а Богоев е меѓу градоначалниците во кои граѓаните имаат најголема доверба“, се додава во реакцијата на СДСМ.