На Али Ахмети и неговите најблиски соработници мора да им е ужасно непријатна и понижувачка оваа ситуација со албанскиот модерен Емилијано Запата од Америка, Ел Чека. Јавноста со право очекува да дознае повеќе и за потеклото на снимките и целосното расветлување на мотивите за неговите „бомбашки“ напади на социјалните медиуми. Во меѓувреме, не ни преостанува ништо освен истовремено да се забавуваме и да се шокираме со нови, „мрсни“ детали за „албанскиот дел“ од македонската политика.
Сите аспекти на оваа афера, сите линкови и врски допрва ќе се откриваат, мотивите, изворите и клучните играчи сѐ уште се во сенката на шпекулациите и фантастичните теории на заговорот. Би било наивно да се поверува дека Ел Чека е lone wolf (осамен волк) што решил да се пресмета со „Али Баба и неговите разбојници“. Од технолошки аспект, пак, не треба ни тоа да го исклучиме, бидејќи, за да се изведе една ваква онлајн офанзива, доволни се само мобилен телефон и интернет конекција. Но, прерано е да се започне со тие шпекулации, дали е сам или некој многу поголем стои зад Ел Чека.
Малку е понижувачки за Али Ахмети и неговите ортаци тоа што, за да се бомбардира и сруши неговото другарче Груевски, беше потребен цел еден Зоран Заев, заедно со многу вреден, посветен и вешт тим за поддршка, а неговото рушење го води еден млад дечко from around the bloc, додека се вози во својот автомобил, а и живее на друг континент.
Сигурно и Груевски, додека мази нечие колено, машко или женско, сеедно, и пие скап коктел од нашите пари, се кикоти додека ги чита транскриптите од оваа онлајн „вендета“ на Ел Чека. Можеби деновиве ќе слушнеме и како разговара со Ахмети во стилот „Али, брат, како си? Гледаш сеа како ми беше мене у 2015-та? Оној Зоки ептен те штедеше… Ја, арен, еве. У пензија, пишуем статуси по Фејсбук, хахаха“, а Али само воздивнува и му одговара уште побавно од вообичаено, со скршен глас: „А бе, брат (со меко „р“), чивша ноне е овој Фејсбук“…
Ни оддалеку не сум уверен во моралните квалитети на Ахмети, напротив, но дури и најрасипаниот човек, претпоставувам, би требало да се почувствува нелагодно кога гледа како го брани токму човекот против кого сесрдно работи, по налог на оние со кои заедно владееше цела деценија.
Со ова мислам на тоа дека цел еден премиер да застане во одбрана на Ахмети, иако е јасно како ден дека тоа не го заслужува со ништо. Не е потребно да се размислува и толкува премногу, за да се дојде до заклучокот дека тие мотиви лежат во политичкиот прагматизам, да го наречам нагалено (и пристојно) тоа што во кафеански муабет би се нарекло многу посликовито. Да, Заев е принуден да ја одржува коалицијата, практично, по секоја цена, особено во период кога на земјата ѝ се потребни брзи и крупни чекори да ја прескокне бездната меѓу нас и Европа што ја создадоа токму Грујо и Али. Па, така, како да му е прв другар на Али, Заев му испраќа предизвикувачки пораки на Ел Чека од своите прес конференции. Политика…
Мора да е многу понижувачки да се видат и графитите „Оди си, Али“, „Бегај од Тетово“, „Али и Муса се едно со УДБА“ по онлајн „бомбите“ на Ел Чека, за што беа приведувани активисти во полиција и, како што сум информиран, тоа уште повеќе ги разгневи сите тетовчани, без оглед на етничката припадност. Како и Грујо, така и Али, без оглед на тоа колку овие двајца се трудеа да посеат национализам и поделби, само ги обедини граѓанките и граѓаните од сите заедници. Иако, како што велат тетовчани, Ел Чека не им кажува ништо особено ново за Али и ДУИ. Чаршијата добро ги знае сите работи, а почитта за Али и неговите ја нема од многу одамна, било да се Албанци или Македонци во прашање.
Ако ги тргнеме настрана, за момент, националистичкиот тон во обраќањата, мапата на Голема Албанија, нарушувањето на приватноста во дел од материјалите и нелегалноста на објавувањето на разговорите, што не се неважни детали, ќе откриеме, конечно, во аудио формат, една ужасно грда димензија на функционирањето на челниците на ДУИ. Тоа е делот од мозаикот за изопаченоста на Режимот што недостасуваше, а кој сега долетува со „интерконтиненталните проектили“ на Ел Чека.
Па така, сега ги слушаме гласовите на Муса Џафери и братот на Али Ахмети како местат тендери… Потоа, како истиот Муса со Рамиз Мерко договара избор на претседател на судот во Струга, за да се комплетира „албанскиот дел“ од Сваровски судството од времето на Грујо. Па како Али Ахмети му вели на својот помошник Артан Груби дека секој што имал работа со ДУИ останал труден, а овој громко се смее на „духовитоста“ на својот шеф… Сѐ на сѐ, една прилично живописна комуникација што упатува на сериозен криминал од една и на краен неморал од друга страна. И двете се повеќе од доволни причини не само да се замине од политиката, туку да се заврши на долгогодишен престој во полициските, судските и затворските ходници.
Тоа што го слушаме од прислушуваните разговори што ги објавува Ел Чека, ако го погледнеме јавниот интерес, нелегалноста и приватноста на тие материјали треба да се последната грижа на институциите. Етичката димензија на објавите е, едноставно, неважна во споредба со криминалот за кој има индиции во аудио материјалите. Институциите можат да го земат и Ел Чека на одговорност поради тоа што го прави, па да го осудат, а зошто и да не го ослободат како „свиркач“, но постапките врз основа на овие материјали можат слободно да започнат. Едното не го исклучува другото. Се работи за јавен интерес.
И, со оглед на тоа како се развиваат работите во земјава, не е исклучено тоа навистина и да се случи деновиве. Гледаме дека има тектонски промени во ОЈО, се отвораат постапки што порано беа незамисливи. Во нормална земја, правдата и политиката се исто толку одвоени како што државата е одвоена од верските заедници. Се намалува, иако навистина бавно, бројот на оние што можат да се пофалат со недопирливост и неказнивост. Иако изгледа поинаку во овој момент, сепак, може да се наѕре и почеток на интересни и големи промени. Сакале ние да го признаеме тоа или не, „бомбите“ на Ел Чека се дел од тие промени.