Декларација за шут карта од СДСМ за секој инволвиран во „Рекет“

1348

Декларацијата за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, која вчера едногласно ја усвои Централниот одбор на СДСМ во проширен состав е бланко виза за исклучување на било кој член од партијата без оглед дали станува збор за министер, пратеник или обичен член, доклоку се утврди дека е инволвиран во криминал, рекет, корупција, брифираат за Плусинфо високи партиски функционери.

Реафирмацијата на ваков документ од највисокиот партиски орган не е случајна, напротив, таа доаѓа во екот на случајот „Рекет“ каде се осомничени Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Зоки Кичеец, а во скандалот за изнуда на милионски суми од бизнисмени веќе на големо се шпекулира дека се инволвирани и двајца пратеници на СДСМ.

– Секој кој е вмешан во криминал и корупција не му е место во партијата. Со декларацијата повторуваме дека бескомпромисно ќе се бориме против криминалот и дека никој не треба да се надева на партиска заштита – вели функционерот.

Декларацијата е своевидна најава за дистанцирање на партијата од членовите и функционерите доколку во натамошната истрага станат дел од случајот „Рекет“ еднакво како што ден по одземањето на телефонот на шефицата на СЈО заради вештачење поврзано со случајот „Рекет“, нејзиниот тим се огради од Катица Јанева.

Во Декларацијата се вели:

Декларацијата вчера ја искоментира пратеникот Мухамед Зеќири со констатацијата дека „Партиската припадност никого не амнестира“.

Но повпечатлива е објавата на поранешниот генерален секретар и пратеник Александар Кирацовски кој на Фејсбук директно ја поврза Декларацијата со случајот „Рекет“. Според него, случајот „Рекет“ е олицетворение на рекет-културата којашто како лоша практика се создаде за време на (над)децениското владеење на ВМРО-ДПМНЕ, нефункционалноста и разјаденоста на најважните институции во државата како и шпекулативното наместо истражувачко новинарство зачинето со лажни вести кои повеќе и штетат на истрагата отколку што и користат.

„Синоќа на ЦО на СДСМ беше изгласана декларација со која се потврдува борбата против криминалот и корупцијата што ќе биде ветер во грб на општествената заложба за искоренување на ова зло и обврска до срж да се спроведат истрагите од овој тип!, Штом „жртвите“ најпрво го пријавиле злоделото лично кај премиерот Заев, значи дека довербата во институциите е загубена, а граѓаните му веруваат единствено нему! Да го сочуваме тој впечаток, но и да му помогнеме во процесот на возобновување на институциите на системот со што доверба во него, ќе се пренесува и вдолж институциската вертикала!“, напиша Кирацовски.

Новиот генерален секретар Љупчо Николовски пак, по завршувањето на Централниот одбор одби да одговор дали има сознанија кои се Кики и Фрики, за кои се тврди дека се високи функционери од СДСМ вмешани во „Рекетот“ на Бојан Јовановски и Зоран Милески, Николовски.

На прашањето дали Кики и Фрики биле присутни на седницата, Николовски одговори дека присустувале голем број членови на ЦО – пратеници, градоначалници и додаде дека сите биле едногласни во бескомпромисната борба против корупцијата и организираниот криминал.

Прашан дали високи функционери на СДСМ се вмешани во „Рекет“ Николовски нагласи дека партиската припадност никого не амнестира од криминал.

– За разлика од многу други, кои ги блокираат институциите и се борат против правдата и не сакаат да дојдат на преговарачката маса само заради криминалот, ние целосно се бориме против нив – рече Николовски, додавајќи дека кој било граѓанин може да е вмешан во нешто, а институциите треба да дејствуваат за секого, без разлика дали е член на политичка партија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...