Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан следната недела ќе докде во Скопје, каде ќе се сретне со претставници на властите и на опозицијата. Потоа тоа ќе отпатува во Белград на 25 и 26 јули, каде со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ ќе разговараат за реформските процеси во Србија и за регионални прашања.
– Комесарот Хан во Белград ќе се состане со претседателот и премиерката на Србија, со кои ќе разговара околу реформите кои ги спроведува Србија на патот кон ЕУ, како и за регионалните прашања – изјави портпаролот на ЕУ за Танјуг.
Минатиот месец, по повод отворањето на ново поглавје во преговорите за пристапување, Хан ја повика Србија да го забрза процесот на реформи и со поголема решителност да работи на владеењето на правото, фундаменталните права и демократското управување.
Комесарот Хан, кој веќе се вклучи во деблокирањето на дијалогот Белград-Приштина, најави дека во јули ќе се обиде повторно да ги мотивира лидерите на двете страни да се вратат на преговарачка маса.
– Тоа не е лесна задача и потребна е политичка храброст да се работи на компромисот. Треба да знаеме кои се позитивните последици, а позитивните последици може да бидат европската перспектива – изјави Хан.
ФОТО: EPA-KOCA-SULEJMANOVIC