Евентуалната вмешаност на Катица Јанева во скандалот со „Рекет“ нема да предизвика правен проблем со предметите на Специјалното јавно обвинителство што се во тек во судовите, но може да предизвика застои и одложувања, што, пак, може да доведе до застарување кај некои од предметите, тврдат експерти што ги консултираше Окно.
Професорот на Правниот факултет од Скопје „Јустинијан Први“, Гордан Калајџиев, смета дека од аспект на Законот за кривична постапка (ЗКП) проблеми нема, а дека може да дојде застој само од аспект на Законот за СЈО (ЗСЈО).
Слично мислење има и Натали Петровска, адвокатка и директорка на невладината организација Коалиција – Сите за правично судење. Таа не очекува проблеми од аспект на законот, туку повеќе од морален апсект што би го ползувала одбраната.
– Прашањето за влијанието на евентуалната истрага над споменатиот обвинител врз постоечките предмети на СЈО се врзува повеќе со морално-етички аспект и пристап, отколку со процесно-технички. Ова од причина што ЗКП не предвидува специфични одредби со кои се утврдува оваа проблематика, „интервенција“ на самиот застапник на обвинение во предметот кој го застапува и негово санкционирање за таквото поведение. Меѓутоа, неспорно е дека одбраната ќе ја искористи оваа прилика и ќе го доведе во прашање секое индивидуално преземено дејствие во овие предмети – вели Петровска.
Таа очекува дека одбраната така и ќе постапи, ќе бара изземање на Специјалниот јавен обвинител и ќе се надева на „застој во постапката и ќорсокак“.
Според Петровска, постапката за разрешување на Специјалниот обвинител предвреме, поради нестручно и несовесно работење, ако се поведе од Советот на јавни обвинители, повторно мора да помине во собраниска процедура, прво на мислење, па потоа на одлучување по предлог на Советот. Но, тоа вели Петровска, е помалку веројатно, бидејќи партиите попрво ќе го донесат новиот закон за обвинителство во кој би било решено и прашањето на СЈО.