АВМУ нема надлежност да го испитува потеклото на капиталот на Боки 13

241

Законите за медиуми не му даваат надлежност на регулаторот да го испитува потеклото на капиталот, велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во реакција на денешното соопштение на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Од АВМУ се непријатно изненадени од соопштението на ЗНМ, во кое, како што оценува регулаторното тело, тенденциозно се сугерира дека Агенцијата не постапила во врска со можната злоупотреба на 1 ТВ за нелегални активности.

„Дејствувањето на Бојан Јовановски и евентуалната злоупотреба на медиумот од негова страна се предмет на постапување на обвинителството, судството, финансиската полиција, а не на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, којашто го следи почитувањето на законите за медиуми. Во овој контекст, Агенцијата врши континуиран надзор врз радиодифузерите, при што правилата за сопственичка структура не се исклучок“, соопшти АВМУ.

Агенцијата дополнува дека на 4 јули е донесена одлука за поведување постапка за проверка на сознанијата дали Бојан Јовановски е сопственик на 1 ТВ, односно дали е нејзин таен содружник. Постапка (во февруари) беше поведена и поради именување на сопругата на еден од основачите на 1 ТВ за носител на јавна функција. Јавни реакции беа упатени и поради прекршување на програмските стандарди и заканите кон новинарка од друг медиум поради нејзините критики за емисија што се емитуваше на 1 ТВ.

Според АВМУ, законите за медиуми не му даваат надлежност на регулаторот да го испитува потеклото на капиталот. Оттаму, стои во соопштението, Агенцијата е зачудена од барањето на ЗНМ да се спроведе итен вонреден надзор со цел да се утврди дали телевизијата 1ТВ ги има прекршено одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и имајќи го предвид претходно наведеното, нејасно е што се очекува да се констатира со надзорот.

„Секое поинакво прикажување на надлежностите и работењето на Агенцијата во јавноста, не е ништо друго туку само уште еден во низата обиди за нејзина дискредитација, чија цел е да се оправда општиот неуспех на сите релевантни чинители во медиумската сфера за да се создаде поволен амбиент за работата на медиумите. Агенцијата во повеќе наврати повторуваше дека кадровските промени не се решение за состојбата во медиумите, туку дека е потребно заедничко дејствување и на регулаторот и на ЗНМ, синдикатот, Советот за етика, медиумските работници“, се вели во соопштението од АВМУ.

Претходно, ЗНМ во соопштение оцени дека последните случувања со приведувањето на Бојан Јовановски отвораат сомнеж за сериозна злоупотреба на медиумите на сметка на лично богатење на поединци. ЗНМ ги повика Владата и опозицијата, преку Парламентот да најдат механизам за итно деблокирање на собраниските процедури преку кои треба да продолжат реформите за медиумската сфера, како и дека се пробиени сите рокови за екипирање на програмскиот совет на МРТ и на Советот на ААВМУ .

„Тоа беа предуслови што треба да водат кон конечно креирање на амбиент во кој приватните медиуми, како и јавниот сервис ќе можат да функционираат независно, во интерес на јавноста. Ја повикуваме АВМУ да спроведе итен вонреден надзор со цел да се утврди дали телевизијата 1ТВ ги има прекршено одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, посочи Здружението на новинари на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...