Кинезите што го бркаа актерот Тоциновски приведени во полиција, им следи кривична

1721

Двајцата Кинези кои вчера со сатар го бркаа актерот Милан Тоциновски, биле приведени во Полициската станица Карпош и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што наведува полицијата, вчера Тоциновски пријавил дека околу 11.20 часот во ресторан во трговски центар бил физички нападнат од вработените во ресторанот Л.Ч.(34) и Л.Ш.(43) државјани на Народна Република Кина, а во врска со нарачка на храна. Според пријавата, еден од кинеските државјани со остар предмет се обидел да го нападне М.Т., а другото лице фрлало различни предмети по него. По преземени мерки, Л.Ч. и Л.Ш. биле приведени во Полициската станица Карпош и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Актерот сведочи дека не е точно дека не ја платил сметката во импровизираниот кинески ресторан во „Лептокарија“, туку не ни нарачал храна, а бил нападнат откако дал неколку забелешки за високата цена на храната и за бавната услуга.

Тој за Плусинфо вели дека настанот го вознемирил, но дека уште повеќе го испровоцирале информациите дека инциденот бил предизвикан по негова вина и тоа поради неплатена сметка.

– Јас сум јавна личност и нема што да кријам за тоа што се случи вчера во таканаречениот кинески ресторан во ТЦ „Лептокарија“. Навистина не знам кој им дал дозвола за работа на тие луѓе. Живеев во Њујорк, а сум работел и во Токио и точно знам какви се цените, но и услугата во кинеските ресторани. Откако, вработените ми наговестија дека ќе треба да чекам, како муштерија забележав дека премногу се чека со оглед на тоа што станува збор за ресторан за брза храна и дека е прескапо, не нарачав храна и трнав да си одам. Тие мои забелешки беа повод да почнат да ме напаѓаат прво вербално, а потоа и физички двајца вработени во ресторанот, од кои една жена и со сатар да ме бркаат по трговскиот центар. Тоа впрочем, може да се види и на постираното видео – вели актерот Тоциновски за Плусинфо.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...