Пендаровски стави точка за спорните укази, на обвинителство е дали ќе го гони Иванов

Со носењето на новите укази, од кабинетот на Пендаровски велат дека тие тука ставаат точка во однос на тоа до каде одат надлежностите на претседателот. Меѓутоа, правниците посочуваат дека ова не значи оти случајот правно е затворен, но тоа е на истражните институции. Сѐ уште останува спорно тоа што бившиот претседател постапил спротивно на Уставот односно указите ги потпишал со старото уставно име иако тогаш тоа веќе беше променето во Република Северна Македонија.

1118

Претседателот Стево Пендаровски повлече пет од шесте спорни укази на неговиот претходник Ѓорге Иванов за унапредувања и поставувања на други позиции во Армијата и донесе нови. Но,од нив два се истите како и тие што ги донесе бившиот претседател, еден е за разместување на друга позиција, а за другите две назначувања кои сега се разрешени дополнително ќе се решава.

За шестиот указ на Иванов, со кој полковникот Васко Ѓурчиновски се унапредува во чин генерал-потполковник, Пендаровски е немоќен. Како што објаснуваат извори од неговиот кабинет, тој нема законски основ за одземање на чин. За да се одземе на некого чин, потребно е тоа лице да стори кривично дело или да стори некој сериозен дисциплински прекршок, што во случајот не е така.

Сите нови укази денеска се испратени и ќе се објават во Службен весник.

За прво да ги разреши и отповика, а потоа и да донесе нови укази, Пендаровски се консултирал со советниците во кабинетот, експерти и со Антикорупциската комисија. Од вила Водно, потенцираат, дека за потпишувањата на Иванов одговорен е само тој и нема вина кај старешините.

За указите, Антикорупциска во април покрена прекршочни постапки против поранешниот претседател, не утврди корупција, но спорно беше тоа што се донесени на 25 февруари 2019, односно откако беа распишани претседателските избори на 8 февруари годинава.

Од петте споменати нови укази, Пендаровски прво ги отповика полковникот Маријо Јуришиќ и го разреши бригадниот генерал Орце Јордев, па донесе нови укази со кои им ги додели истите позиции како и Иванов: Јуришиќ како полковник за одбранбеното аташе во Париз, а Јордев за заменик командант на Здружената оперативна команда (ЗОК) го Генералштабот на армијата.

Актуелниот претседател го отповика Мирче Ѓоргоски, кој претходниот го назначи за воен претставник во НАТО во Брисел. Ѓоргоски, велат од кабинетот, и претходно немал некоја конкретна позиција во Армијата, а сега ќе биде ангажиран согласно потребите на Генералштабот.

Извори од вила Водно, посочуваат оти неговото отповикување од Брисел не претставува проблем за мисијата во НАТО бидејќи таа функционира без проблеми. Засега таму остануваме само со в.д. претставник, а кога Пендаровски ќе назначи нов не се знае.

Пендаровски го отповика и Бесник Емини, кого Иванов го постави за началник на штаб во ЗОК, и му додели нова позиција – командант на Прва механизирана пешадиска бригада во ЗОК. Теоретски новата позиција е хиерархиски под старата, но во пракса, велат упатените, тоа претставува само разместување односно ниту унапредување ниту уназадување.

Со петиот указ, претседателот го разреши полковникот Драган Ковачки од командат на Прва механизирана пешадиска бригада во ЗОК (позиција која сега ја зазема Емини). Ковачки нема нова позиција, затоа што за чинот полковник надлежна да определи функција е министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Со носењето на новите укази, од кабинетот на Пендаровски велат дека тие тука ставаат точка во однос на тоа до каде одат надлежностите на претседателот. Како што велат, Антикорупциска утврди неправилности во постапувањето на Иванов додека тој бил на чело на таа институција и затоа институцијата се почувствувала повикана да реагира.

Меѓутоа, правниците посочуваат дека ова не значи оти случајот правно е затворен, но тоа е на истражните институции. Сѐ уште останува спорно тоа што бившиот претседател постапил спротивно на Уставот односно указите ги потпишал со старото уставно име иако тогаш тоа веќе беше променето во Република Северна Македонија. Такви, указите беа објавени и во Службен весник. Од кабинетот на Пендаровски, не сакаат да коментираат за ова со образложение дека институцијата претседател не е истражен орган, а истражните органи можеле и можат да реагираат и по службена должност бидејќи таквите укази се објавени во службеното гласило на Републиката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...