Обезбедување и промовирање целосно остварување на човековите права и основни слободи на сите лица без каква било дискриминација, вклучително и врз основа на попреченост и родов идентитет и пол, забрана на дискриминација во обезбедувањето на правата на пациентите содржани во законот и унапредување и заштита на нивните права со нивно активно вклучување во комисиите за унапредување на правата на пациентите во општините, се целта на измените и дополнувањата во Предлог-законот за заштита на правата на пациентите, за кој членовите на собраниската Комисија за здравство денеска на седница констатираа дека е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во образложението на измените и дополнувањата на Законот рече дека во сегашната негова верзија е содржана генерална антидискриминаторска одредба (членот 5 од Законот), во која попреченоста и родовиот идентитет не се спомнуваат како можен основ за дискриминација и не е предвидено учеството на претставниците на лицата со попреченост и жените жртви на насилство во комисиите за унапредување на правата на пациентите во општините.
– Нашата земја е потписник на конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со инвалидност. Имаме забелешка од Комитетот за правата на лицата со попреченост на ОН со оглед на тоа што попреченоста токму тука не е препознаена како причина за дискриминација и затоа ги правиме овие измени, посочи Филипче.
Тој додаде дека во измените на Законот се содржани следните решенија: уредување на поимот „лице со попреченост“, вклучување на сите можни облици на дискриминација со цел заштита од појава на секаков облик на дискриминација при користење здравствени услуги, еднаквост во остварување на правата и обврските на пациентите и вклучување на претставници на здруженијата на лицата со попреченост и жените жртви на насилство во работата на комисиите за унапредување на правата на пациентите.
Ванковер Манчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека не може да се донесе Закон за заштита на правата на пациентите, а претходно да не се донесе Закон за правата на докторите и заштита на сите здравствените работници.
– Министерството за здравство пред некој ден излезе со податок дека од околу 300 завршени доктори само 50 аплицирале на огласот или помалку од 20 проценти биле заинтересирани да продолжат со работа во државава. Ова е поразителен податок. Тоа треба да не замисли многу повеќе отколку европското знаменце ставено на Предлог-законот за заштита на правата на пациентите, истакна Манчев.
Тој праша зарем условите и платата на докторите во ЕУ се исти како во државава и затоа предложи следниот Закон за докторите што ќе биде предложен да биде со европско знаменце.
– Кога ќе се случат реформите или уште се прават физибилити студии за новиот клинички центар… распишани и нереализирани тендери, рече Манчев.
Министерот Филипче истакна дека Министерството согласно економските перформанси на државата, максимално се залага за зголемување на платите и дежурствата и сето тоа што е ветено.
Маја Морачанин од ДОМ рече дека контактирала со жени жртви на семејно насиство кои биле дискриминирани во насока на добивање соодветна здравствена заштита и додаде дека ова законско решение може само да ги унапреди правата и на овие пациенти.