Од декември 2018 година почна со работа Дневната болница во Здравствениот дом во градот Ресен. Станува збор за услуга која е прва од овој вид во здравствените домови ширум државата.
Директорката на Здравствениот Дом, д-р Сања Андоновска, истакна дека со голема поддршка на Министерството за здравство се реализирани неколку нови услуги, во интерес на сите пациенти.
„Може да се пофалиме со неколку нови здравствени услуги. Првата услуга е Дневната болница во Здравствениот Дом, додека пак втората услуга е мобилниот сервис за здравствена и социјална заштита во Ресен и околните места. Граѓаните добиваат навремена и квалитетна здравствена заштита најблиску до домот“, изјави директорката Андоновска.
Досега, 1700 пациенти ја посетиле Дневната болница. Граѓаните се задоволни, затоа што не мора да се упатуваат во блиските болнички установи во Охрид, Битола и Отешево.