Судскиот совет денеска постапи сосема спротивно од советот во четвртокот кога адвокатите побараа изземање на судиите, претседателите и нивните заменици на Кривичниот и Апелациониот суд, реагираше денеска поранешниот премиер Никола Груевски, кој е обвинет во повеќе предмети на СЈО.
– За иста работа во четвртокот една одлука, денеска во вторник, друга одлука. Во четвртокот се процесираше, денеска се одби. Тоа покажува дека не станува збор за правен, туку за политички процес – рече Груевски.
Тој потенцираше дека против денешното одбивање на барањето, одбраната нема право на жалба и дека со тоа се потврдува дека станува збор за политички прогон. Груевски нагласи дека минатата недела, оваа и следната недела секој ден ќе биде повикуван на рочишта, што и според него, е во директна спротивност со начелата на судот во Стразбур за да не се даде можност за подготовка на одбраната. Груевски рече дека со ова се оневозможува и неговата работа во Парламентот за да не може да биде политички активен.