Шефицата на СЈО Катица Јанева трет ден не се појавила на работното место во Специјалното јавно обвинителство, потврдија од СЈО.
Плусинфо дознава дека Јанева извесен период нема да оди на работа, односно дека се очекува уште денеска таа да отвори боледување или да си го земе годишниот одмор. Засега нема информации колку ќе отсуствува Јанева и дали воопшто ќе се врати во СЈО со оглед на депонираната оставка од функцијата специјална јавна обвинителка.
Јанева оставката на функцијата специјална јавна обвинителка ја депонираше во понеделникот, а таа ќе се активира во моментот кога институцијата ќе добие нов шеф.
Но, и ова е неизвесно кога ќе се случи, бидејќи Законот за јавно обвинителство е заглавен, односно власта и опозицијата засега не можат да се договорат како ќе продолжи да функционира СЈО, чија судбина се решава токму со тој закон.
Неизвесно е и дали воопшто ќе се поместат работите за законот, бидејќи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја одби поканата за лидерска средба од премиерот Зоран Заев закажана за утре, а на која една од темите за кои власта и опозицијата треба да разговараат е и Законот за јавното обвинителство.
Одложената оставка на Јанева, дојде во ист ден кога нејзината колешка, шефица на обвинителстото за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, ја отвори истрагата за случајот „Рекет“, во која ги сомничи Бојан Јовановски – Боки 13 и бизнисменот Зоран Милески – Зоки Кичеец.
Според она што досега е познато за случајот, двајцата барале пари од бизнисмен осомничен во предметот „Империја“ на СЈО, бидејќи биле поврзани со обвинител и можеле да влијаат да се запре постапката против него или да добие поповолен третман. Дента кога се отвори истрагата, надлежните го запленија и еден од мобилните телефони на Јанева за, како што рече Русковска, да се провери дали имала комуникација со Боки 13.
Специјалната обвинителка, засега не е осомничена во истрагата. Покрај нејзиното име, во јавноста има информации и за поврзаност во случајот на високи функционери од СДСМ.