Внимавајте, зголемен е бројот на пожари во Скопје во споредба со претходните години

498

Зголемен е бројот на пожари во Скопје за првите шест месеци од 2019 година, во споредба со истиот период изминатите години. Ова за Плусинфо го потврди командантот на Бригадата за противпожарна заштита во Скопје, Владимир Симоновски.

– За првата половина од 2019 година, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје интервенирала на 1225 случаи. Од нив 940 се пожари, 66 технички интервенции и 47 противпожарни обезбедувања. Според статистичките податоци на БППЗ, оваа година е зголемен бројот на пожари за разлика од минатите години. Во 2016 година се регистрирани вкупно 1117 интервенции во текот на целата година, во 2017 се регистрирани 1622 интервенции, додека лани имаше 1264 интервенции за цела година – рече Симоновски.

Повеќе фактори влијаеле за пожарите на кои тие интервенирале изминатиов период.

– Пред се тука е човечкиот фактор, електричната инсталација, неисчистени оџаци, неводење грижа за соодветно чување на уредите по станови, како и намерно предизвикување на пожари на отворено, но и многу други фактори – додаде Симоновски.

За среќа, пламените јазици во првата половина на оваа година не зеле жртви. Но, загинати имало во сообраќајни незгоди, за кои била повикана Пожарната за технички интервенции. Симоновски ја издвои техничката интервенција од февруари, кога се случи автобуската несреќа на магистралниот пат Скопје-Тетово, во која загинаа 16 патници.

– Мислам дека токму девојката од автобусот, околу 20 години, е најмладата жртва во 2019 година. Најстарата е давеник во реката Вардар, на возраст од околу 70 години – рече тој.

Командантот нагласи дека секојдневно има повици на бројот 193, при кои граѓани бараат помош во врска со животни. Пожарникарите спасувале и кучиња и мачиња, папагали и гулаби.

Прашан за високите температури кои следуваат деновиве, Симоновски рече дека многу е важно граѓаните да размислуваат за заштита на природното богатство и да не прават непромислени работи.

– Во периодот што следи препорака или совет до граѓаните е кога ќе се движат на отворен простор, дали тоа е рекреативно или на пикник, да не палат нешто што може да предизвика пожар од поголеми размери, каде ке се доведат во опасност и самите и околината. Да не фрлаат отпушоци од цигари и други запаливи материи, кои исто може да предизвикаат пожар. После секој пикник кој ке го прават, скарите да ги чистат убаво од остатоците од жар, за да не се предизвика пожар – советуваше Симоновски.

Тој додаде дека спроведуваат повеќе акции со цел да се разбуди свеста на младите, за несаканите последици кои може да настанат од непромислени дејства.

– Акции веќе спроведуваме со повеќе институции заедно. Сега е активна кампањата за лето без пожари, за заштита на шумите на територијата на Град Скопје. Кампањата започна на 7 јули на паркингот на средно Водно, каде што имавме и едукативен дел, демонстрација на пожар на отворен простор и имавме добра посетеност од самите поминувачи и рекреативци на Водно. Кампањата ќе трае во текот на целото лето – појасни командантот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...