Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека е важно да се поддржи постоењето на Специјалното јавно обвинителство, но, оти надлежните органи треба да го истражат случајот со Катица Јанева, одбивајќи да коментира повеќе околу тоа, јави Гласот на Америка.
– Јас сум еден од потписниците на постоечкиот Закон за специјалното обвинителство, и во тој контекст, како пратеник и сега како претседател на Собранието, немам дилема во однос на потребата од поддршка на такво законско решение. Веста ја добивме откако стигнавме во Вашингтон. Како парламентарец и претседател на Собранието, понатаму не би коментирал во однос на случувањата, бидејќи тоа е надлежност на соодветните институции, кои треба крајно професионално и принципелно да излезат со соодветно соопштение по сите наоди, и со тоа да ја информираат и јавноста и нас како институции. Сметам дека институциите треба да си ја вршат нивната работа онака како што налагаат прописите во државата – рече Џафери во интервју за Гласот на Америка, кој деновиве е во Вашингтон за да присуствува на форум за адресирање на заканите за демократијата, во организација на Националниот демократски институт и УСАИД.
Според него, случајот со Јанева не може да го попречи патот кон НАТО, но, оти може да се одрази врз ЕУ процесот.
– Во однос на ЕУ може да има влијание, и позитивно и негативно, зависно од тоа како ќе се одвива овој процес. Во тој контекст сметам дека сите ќе бидат доблесни процесот да го водат професионално – рече Џафери.
Џафери, заедно со потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска – Ременски и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, утре ќе се сретнат со членови на Конгресот, со кои ќе разговараат за евроатлантската интеграција на државата.