Заев за Кики и Фрики: Не знам на кој мисли Героски, но Бојан Јовановски се дружи со многу луѓе

3671

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата доби прашање од новинарите дали има сознанија кои високи функционери на СДСМ биле инволвирани во случајот со Боки 13 и го придружувале на состаноци со градоначалници, кои новинарот Бранко Героски во своите текстови ги пишуваше како Кики и Фрики.

– Јас го коментирав тоа и во Парламентот. Информиран сум од градоначалничката на Битола за конкретниот случај, како се одржал состанокот. Се доаѓа и се барало локација за старечки дом, општината им вика „немаме таков“. Добро, дали може да се пренамени? Таа им рекла „отворете си постапката за тоа“. За втората тема, дали може да бидат ослободени од комуналии, градоначалничката им вика „обратете се до Советот, ако е интерес на градот. Советот одлучува“. До ден денеска ниту има таму промена на план, ниту има ослободување од комуналии, нема реализација на таква идеја. Секако во еден таков период, не можам јас точно да потврдам што мисли господинот Героски, на кој случај мисли, но дефинитивно знам дека Бојан Јовановски се дружи со многу луѓе од владејачката партија, луѓе од естрадата, од новинарите, од опозицијата. Но, тоа не е изговор ако некој направил нешто криминално и незаконски односно дека тоа му е причина за такво дејствување. Секој кој направил таков нешто треба да одговара во нормална правна постапка – одговори Заев.

Тој зборуваше и за информациите дека во целиот случај е вклучена и странска држава која го заштитила бизнисменот кој ја пријавил изнудата од Бојан Јовановски и Зоран Милески.

– Дали има странска држава тоа треба да го каже Јавното обвинителство. Го читаме тоа. Ќе му се јавите на бизнисменот ќе ви каже – рече Заев, кој доби и директно прашање дали станува збор за Бугарија.

Бугарија, рече тој, е наш пријател и тој нема да си дозволи да шпекулира дека некоја држава пријател е вмешана.

Одговарајќи им на новинарите, тој посочи оти случаите за лица кои важат за блиски до власта, секоја власт досега знаела да ги заташка и стави во фиока.

– Оваа власт покажа дека секој кој се огрешил и има индиции за такво нешто, е испратен пред системот за правдата – рече Заев, кој рече дека за разлика од нив, претходно се гинело до смрт за своите да ги спасат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...