– Не дозволуваме никој да ја злоупотребува грижата на општината за сите деца. Ниту еден од изнесените ставови не е точен, а објавените фотографии се направени пред два месеци за да се создаде лажна слика за реалната состојба. Поради изградбата на новото училиште во Капиштец, се наметна потреба за времено сместување на децата со церебрална парализа. Општина Центар комплетно го реконструираше објектот кој е во нејзина сопственост. Напоменуваме дека проектот е предложен од родителите и тие учествуваа во целиот процес.
Родителите ги избраа боите, побараа 3 рампи и тоа се реализира. Што се однесува до ставот на ИЗИИС, барањето за стручно мислење го достави општина Центар а не родителите, а мислењето им беше презентирано како работна верзија и на договорниот состанок немаа забелешка. Општина Центар има анализа од ИЗИИС дека се работи за безбеден објект кој ги исполнува сите стандарди.
Вратите се со соодветна широчина. Направена е фасадна столарија, нови медицински хомогени подови, изолирана подна кошулица, комплетно е реновиран водоводот во тоалетите, бањата и кујната, поставена е електрична и компјутерска мрежа, систем за дојава за пожар, дел од кровот е пререден со нови олуци и поставена е енергетски ефикасна фасада.
Општина Центар е првата општина која на овој начин се грижи за децата, ова е прв чекор во инклузија на децата со посебни потреби и е во согласност со европските директиви.
Во интерес на децата градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ уште еднаш ги повикува родителите на разговор затоа што заедничка е грижата и ветува дека се што е договорено ќе биде реализирано – се вели во демантот на општина Центар.