Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ побара притвор за специјалната обвинителка Катица Јанева и за сите други вмешани во рекетарската афера, а потоа и оставка на Владата на Заев и предвремени избори за да се спаси, како што рече, „Македонија од криминалниот ганг кој владее со државата и тргува со правдата“.
Мицкоски на денешната прес – конференција, откако вчера беа уапсени Бојан Јовановски познат како Боки 13 и бизнисменот Зоран Милевски Кичеец во случајот „Рекет,” истакна дека се исполнети сите услови и за притвор на Јанева, која според него е извршителот на криминалот и рекетот поради кој засега се притворени само двајца, како жртвени јагниња, а дека нарачателите се на слобода.
– Вчерашната панична акција е само театар да се спасат вистинските нарачатели на ваквиот криминал, да се заштити колку може извршителот Катица Јанева и да не се дознае каква монструозна гарнитура владее со земјата – вели Мицкоски.
Тој образложи дека барањето за мерката притвор за Јанева е оправдано затоа што има можност за повторување на делото со оглед на тоа што таа се уште е прв човек на СЈО, а додаде дека има можност и за бегство и за влијание во истрагата.
„Рускоска обвинителсвото“, додаде Мицкоски, на Јанева ѝ го одзема само телефонот без било какви дополнителни мерки.
– Со Македонија управува криминален ганг, вистински криминален октопод чии пипци водат дирекно до власта, многу подлабоко од двете осомничени лица кои што треба да бидат жртвени јарци. Не случајно реков дека вчерашниот ден беше театар да се спасат вистинските нарачатели на криминалот. Вчера никаде ги немаше во обвинението фамозните Фрики и Кики, кои заедно со првообвинетиот, како што се говореше во некои написи, вршеле уцени, изнуди и влијанија. Мојот сомнеж и на ВМРО-ДПМНЕ е дека во сето ова се вклучени директно лица од самиот врв на власта – рече Мицкоски кој уште еднаш потсети дека тој прв го вклучил алармот кога пред извесно време обзнани дека обвинителката Катица Јанева барала од него поддршка за Законот за СЈО, а за возврат му нудела дека ќе го одмрзне имотот на партијата.
– Катица стана симбол за новиот октопод во државава – вели Мицкоски.
Според него верашните апсења на осомничени во рекетарската афера се само театар кој треба да ги спаси од одговорност вистинските извршители и нарачатели.
– Пред неколку месеци јавно предупредив за ваквиот криминал, Заев се спротивстави и застана во одбрана на извршителот Катица Јанева – рече Мицкоски и упати неколку прашања на кои побара одговори од власта.
– Дали е точно дека силата на Катица Јанева доаѓа од премиерот кој во една прилика и вели „ Не се секирај, се ќе се среди“. Каде се Фрики и Кики кои вршеле уцени? Тука се вклучени директно лица од власта. Дали при средба во домот на првообвинетиот чест гостин е висок функционер на СДСМ со Јанева каде се договарале понатамошни постапувања и овиненија? Дали е точно дека политичка заштита се високи функционери од врхушката на СДСМ? – праша Мицкоски.
Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ од власта побара одговор и на прашањето дали е вистина дека Јанева ја имало во разговорите со првообвинетиот и дали е вистина дека и други лица, по примерот на осомничените во „Рекет“, си завршиле работа со обвинители од СЈО и со врвот од власта, па не биле покренати обвиненија.
Мицкоски се наврати и на аудио разговорот со руските шегаџии во кој како што рече, „ Заев за пет секунди влегува во договор за донација од 100 илјади евра за Вартоломеј“.
– Ако некој има дилеми зошто не добивме датум за почеток на преговори со ЕУ ова лето, еве го одговорот – затоа што имаме криминален октопод што владее со државата и тргува со правдата. Тоа што за бизнисмените е рекет, за политичарите е притисок. Треба веднаш оставки и веднаш предвремени парламентарни избори – порача опозицискиот лидер Мицкоски.