Чавушоглу: Ракетниот систем С-400 ќе биде активиран до почетокот на следната година

133
ФОТО: EPA / GEORGI LICOVSKI

Нема потреба од непотребни тензии. Тоа веќе е завршен договор, испораката започна и ќе заврши, потенцира денеска министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, за напредниот руски „Триумф“ противвоздушен ракетен систем С-400, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе влијае на односите со САД и со другите сојузници во НАТО набавката на овој руски систем, Чавушоглу потенцира дека Турција имала потреба од С-400 заради својата безбедност и тој ќе биде активиран до почетокот на следната година.

– Оваа тема не сакаме да ни претставува проблем ниту со САД, ниту со другите земји, затоа што ние сме независна и суверена држава – изјави Чавушоглу, додавајќи оти тој систем е за противвоздушна одбрана, а не систем за напад.

– А вие ги знаете заканите во нашиот регион – посочи тој.

Во таа насока, Чавушоглу се осврна и на изјавите дадени од генералниот секретар на НАТО и неговиот заменик, кои, како што рече, велат дека секој сојузник може да набави таков одбранбен систем од каде сака и Алијансата нема став за тоа.

– Системот што го набавуваме не претставува закана за системот на НАТО, а вклучувајќи ги и воените авиони Ф-35, ќе биде под целосна контрола на Турција. Ќе се користи во моментот кога ќе имаме потреба од безбедносна одбрана – изјави Чавушоглу, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на нашата држава.

САД се противат на набавката на руските системи С-400 од страна на Турција и се заканија со воведување санкции кон Анкара доколу не се откаже од договорот со Москва. Најавените санкции, меѓу останатото, предвидуваат и исклучување на Турција од програмата за набавка на авионите-ловци Ф-35 од американско производство

Фото: EPA /GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...