Во однос на информациите дека меѓу двете фирми кои доставиле понуди на тендерот е и фирмата во сопственост на Усеини, кој е сопственик и на пицеријата – дивоградба кај Чинарот во Охрид, од ДКСК укажуваат на ограничувањата кои се однесуваат на службените лица во соработка со правни лица, што се во нивна сопственост или во сопственост на нивни блиски лица.
Во соопштението ДКСК посочува на член 51 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси каде е предвидено дека „службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“.
Во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку не се почитуваат тие ограничувања, ДКСК укажува дека фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини или во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со Општина Охрид, каде истото лице е член на општинскиот Совет.
„Доколку, службеното лице постапи спротивно на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи“, се вели во соопштението од ДКСК.