Пред објектот на Македонска пошта, на булеварот ВМРО, ќе бидат засадени 16 јавори.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов рече дека во 2013 година, според истражувањето на состојбата на зеленилото во Мал ринг, зеленилото во овој дел од Скопје е преполовено како резултат на градењето врз зелени површини во рамките на проектот „Скопје 2014“.
– Земавме обврска пред граѓаните да го вратиме загубеното зеленило коешто претходната власт го уништуваше каде ќе стигне. На оваа локација ќе се засадат 16 висококвалитетни садници од видот јавор, кои ќе бидат наводнувани со систем капка по капка. Овој дрворед ќе биде опремен дополнително со 16 подни тротоарски дренажни решетки – рече Шилегов.
Тој најави дека наесен, ќе се засадат нови 8.000 дрвја и со тоа Скопје годинава ќе добие повеќе од 10.000 нови висококвалитетни садници.
Шилегов потсети дека дрвјата што ќе ги засадува Град Скопје наскоро ќе ги добијат имињата на новородените деца во градот, како дел од проектот „Дрво за секое дете“ и дека градската администрација ќе продолжи со обновување на загубеното зеленило во сите општини во градот.