Се сеќавам на оние кои влегоа први во прес-центарот во Собранието. Бевме во ситуација да видиме, барем додека да не се претвори салата во хаос. Со целосна одговорност можам да кажам дека дел од лицата кои се сега во судница беа во Собранието, рече Џафери сведочејќи за случајот за обид за убиство на Зијадин Села.
Тој препозна петмина од обвинетите посочувајќи ги според местото каде седат во судницата.
– Тие беа меѓу првите што влегоа и првите што почнаа да ги напаѓаат пратениците во салата – рече Џафери.
Тој посочи дека се фрлало со сѐ и сешто, конкретно за дејствијата што ги преземале кон лидерот на Алијансата на Албанците, Џафери повтори дека додека Села бил во негова близина позади кордонот се уште не бил повреден, а по еден момент кога зборувал на телефон и потоа се свртел, Села не бил до него.
На прашање на адвокатите во што биле облечени двајца од петмината обвинети кои тој ги препозна, Џафери кажа оти од оваа временска дистанца не се сеќава во што биле облечени.
По сведочењето на претседателот на Собранието, во судница треба да влезат и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и пратеникот Александар Корацовски.