Обвинителството има и видео докази, а од телефонот на Јанева ќе се проверува комуникацијата со Боки 13

На прашање што значи одземањето на телефонот на Катица Јанева, обвинителката рече дека тоа е за да ја проверат комуникација помеѓу јавниот обвинител и осомничениот, а за тоа дали во доказите има обележани пари и снимки, Русковска посочи оти обележани пари нема, но има аудио и видео снимки.

14517

Во рамки на истрагата која денеска ја отвори Обивнителството за организиран криминал и корупција за примање награда за противзаконито влијание и перење пари, каде осомничени се Бојан Јовановски – Боки 13 и бизнисменот Зоран Милевски – Зоки Кичеец, извршени се претреси на неколку локации. Тие се осомничени дека убедувале осомничено лице во истрага на СЈО, оти се поврзани со јавниот обвинител кој ја води истрагата и можат да ја прекинат или олеснат постапката, а за тоа барале вртоглави суми на пари.

Како што соопшти обвинителката Вилма Русковска во изјава за медиумите откако заврши распитот на осомничените, претрес е правен во нивните домови, но и во домот на родителите на Јовановски, како и во канцеларијата која тој ја користел во 1 ТВ.

Кај обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, не се вршени претреси. На Јанева одземен ѝ е само телефонот.

– Да видиме за комуникација помеѓу јавниот обвинител и осомничениот – рече Русковска која во нејзината изјава поради презумцијата на невиност не спомна ниту едно име на осомничен или обвинител.

На новинарско прашање, дали во доказите има обележани пари и снимки, обвинителката рече дека обележани пари нема, но има аудио и вдеио снимки.

Русковска рече дека се надева оти во иднина ќе има и проширување на истрагата.

Таа најави дека во овој случај, ако дојде до подигање обвинение, е можна и конфискација на имот.

– На прес-конференција кажав дека се води и финансиска истрага за цел имот што го поседуваат било кој од осомничените. За имотот што нема да може да докажат од каде им е, обвинителството ако подигне обвинителен акт е бара одземање на тој имот. Но за тоа, што би рекле, отом потом – рече Русковска.

За лицето кое е под истрага на СЈО, а кое ја поднело кривичната против Боки 13 и Зоки Кичеец, обвинителката рече дека е сослушан еднаш, а потоа и втор пат за дополнување на пријавата. Но, тој е подносител на пријавата, а како сведоци сослушани се други лица.

Русковска рече дека тие како јавно обвинителство не може да бараат заштита за кого било и ако некој се чувствува загрозен самиот треба да побара полициска заштита.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...