Боки 13 заврши во притвор

1640

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, доби 30 дена притвор по барање на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Пред него, притвор доби и бизнисменот Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, потврдија од Кривичниот суд.

Притворот, како што соопшти обвинителката Вилма Русковска, е определен по сите три основи: опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото.

Двајцата се осомничени во истрага за примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 и за перење пари.

Вечерва се вршеа претреси во домот на Јовановски и во 1ТВ, кој се претставува како нејзин сопственик, и од таму одземени се неговиот и компјутерот на синот на Катица Јанева.

Од специјалната обвинителка, пак, одземен е мобилниот телефон.

Боки 13 и Зоки Кичеец, според прибраните докази, убедувале осомничено лице во истрага на СЈО, дека се поврзани со јавниот обвинител кој ја води истрагата, дека можат да ја олеснат постапката.

– Истражната постапка се води затоа што во периодот од месец ноември 2018 година до месец април 2019 година, првоосомничениот искористувајки го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второосомничениот битно придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставување меѓусебен контакт на првоосомничениот со сопругата на осомничениот во таа постапка и лично со осомничениот. На средбите осомничените ги увериле сведоците во влијанието на првоосомничениот врз јавниот обвинител и за посредувањето во два наврати примиле вкупно 1.500.000 евра – посочи обвинителката Русковска на денешната прес-конференција.

Средбите се одржувале на повеќе места, во домот на сведоците, но и во домот на првоосомничениот. Осомничените награда од 8 милиони евра ако постапката запре.

– Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање на олеснителни околности, сведокот требало да им исплати 5.000.000 евра, со тоа што веќе дадените 1.000.000 евра во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4.000.000 евра било договорено да се исплаќаат сукцесивно на четири месечни рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично правниот настан, повеќе не остварувале средби со сведокот во таа насока – изјави Русковска.

Првоосомничениот, кој се товари и за перење пар, парите ги пуштал во промет како легитимно стекнати и со нив купувал разни предмети, облека, плаќање одмор…

Јавниот обвинител засега не е сослушан, но во случај и тој да се најде под сомнение, тој не може да се повикува на имунитет.

За двајцата осомничени, обвинителството бара притвор, а прдистрага против нив е отворена по поднесена кривична пријава на 2 мај.

На новинарско прашање дали овој случај може да се поврзе со приказните кој ги објавуваше новинарот Бранко Героски, и Русковска и Јовески посочија дека денеска отвориле истрага токму за да се утврди кој сѐ е оштетен и инволвиран и ги повикаа и охрабрија сите кои имаат информации или се оштетени да пријават.

На прашање дали евентуално се инволвирани и фирми и дали се бара замрзнување на имот, обвинителите одговорија дека засега не е опфатена ниту една фирма и дека на име на првоосомничениот не е пронајден имот.

Јовески и Русковска не соопштија од кое обвинителство е обвинителот, но според наши информации станува збор за обвинител од Специјалното јавно обвинителство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...