Кај судија за извршување на санкции стигна барањето на бизнисменот Сеад Кочан да не оди во затвор за два дена, на 17 јули, откако пред неколку дена излезе информацијата дека тој е хоспитализиран во една приватна болница. Кочан е осуден на 4 години и 8 месеци во предметот „Труст“ на СЈО.
– Кај судија за извршување на санкции доставено е ново барање за одлагање на извршувањето на затворската казна за кое е потрбно да се извршат неопходни извиди по што судија ќе одлучува, а по донесеното решение странките и јавноста ќе бидат навремено известени – велат од Кривичниот суд.
Кога Кочан го доби упатниот акт за затвор, еднаш веќе побара од Кривичниот суд во Скопје да му го одложи одењето во затвор, но барањето беше одбиено.
На тоа прво барање неговите адвокати поднеле жалба до Кривичниот совет, но и таа е одбиено.
Затворската казна која треба да ја одлежи бизнисменот е поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација. Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Тој првично доби шест години, но Апелација му ја намали казната.
Второобвинет беше Василие Авировиќ. Тој исто така беше осуден на затвор од три години, но второстепениот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.
Покрај нив, во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.