Вработени во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и полицајци од Гевгелија денеска даруваат крв, а до 14 часот во болницата биле собрани 140 единици крв. Утре е акцијата за полицајците во Кавадарци, вработените во РЕК Осломеј во Кичево и во општината Желино. Скопјани драгоцената течност ќе може да ја даруваат и утре во „Даре Џамбаз“, од 8 до 15 часот, а акцијата таму се одвива и денеска, до попладне.
Секој ден до недела екипи на Институтот ќе бидат на терен во повеќе од 10 градови во земјата, за да ги спроведат крводарителските акции, кои задутре, в среда, се во Пробиштип, Велес, Тетово и повторно во Скопје.
В сабота, во Кафе Градско пливалиште, хумани се очекува да бидат стружани и летувалците од другите градови кои дента ќе уживаат во убавините на Струга.
В.д. директорот на Институтот за трансфузиона медицина, д-р Садула Усеини, за Плусинфо објаснува зошто мора да се прилагодуваат при организирање крводарителни акции.
– Секое лето правиме анализа на потребите за крвни продукти и организираме крводарителни акции, предвидени и според годишниот план. Доколку утврдиме потреба за засилување на акциите, како што е случај оваа недела, тогаш, во соработка со Црвениот Крст, организираме нови. Имаме доволно резерви крв од сите крвни групи, но се прилагодуваме бидејќи до неодамна имавме акции во средните училишта и на факултетите, а ревизорите ни дадоа препораки да нема непотребно собирање крв, за драгоцената течност потоа да не се отстранува. Целта е да се контролира потребата од крвни продукти со бројот на донации, за да не се случи да се надминуваат потребите и вишоци да има, а од друга страна, побарувањата за крв да се надокнадуваат – вели д-р Усеини.
Тој појаснува колку време изнесува рокот на секој крвен продукт.
– Еве на пример, еритроцитен концентрат (црвени крвни зрнца) се чуваат до 38 дена, а тромбоцитен концентрат најмногу до 5 дена, додека смрзната плазма може да се чува и до 3 години. Од овие причини, акциите ги организираме токму кога е најоптималното време за собирање резерви од крв – нагласува д-р Усеини.
Дневните потреби од крвни единици на скопските клиники и други здравствени установи изнесуваат од 100 до 140 единици.