Националниот сојуз на слепите заедно со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации, денеска во ресторанот „Umbrella” во Градскиот трговски центар организираат „Blind table restaurant“.
Целта на настаност, соопштуваат организаторите, е преку неформално дружење, присутните да се запознаат со некои од предизвиците со кои се соочуваат слепите лица во земјава.
„Гостите ќе може да добијат увид во тоа како изгледа социјалниот живот на овие лица низ нивната призма и со какви проблеми тие се судираат во средината во која живеат. Истовремено, на настанот ќе се стави акцент на ратификувањето на Меѓународниот Маракешки договор кој дава пристап до литература на оваа категорија на граѓани. Гостите ќе може да стават темни траки преку очите со цел да почуствуваат на миг како слепите лица го перцепираат светот околу нив. Низ ресторанот ќе ги спроведуваат волонтери од организациите на слепи лица (слепи и слабовидни лица). Целта е гостите да развијат доверба кон слепото лице – водич, како што едно слепо лице му верува на лицето со нормален вид“, се вели во соопштението.
Менито во ресторанот ќе биде изработено на Брајово писмо, а на гостите при нарачување од менито ќе им помагаат слепите лица. На настанот ќе бидат презентирани и тифло-технички помагала кои го олеснуваат секојдневниот живот на слепите лица.
Активноста е дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, а го финансира Европската Унија.