Сеад Кочан во среда треба да оди во затвор, во судот уште нема барање за одложување

Затворската казна која треба да ја одлежи бизнисменот е поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација. Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Тој првично доби шест години, но Апелација му ја намали казната.

293

Бизнисменот Сеад Кочан во среда, на 17 јули, според упатниот акт од Кривичниот суд, треба да се јави во затвор да ја издржи затворската казна од четири години и осум месеци во предметот „Труст“ на СЈО. Меѓутоа, тој пред неколку дена бил хоспитализиран во една приватна болница и може да се одложи неговото заминување во затвор.

Дали тоа ќе се случи, два дена пред датумот сѐ уште нема информации бидејќи, како што велат од судот, до нив официјално до овој момент не стигнало никакво барање. Сепак, таквото барање може да стигне и попладнево или утре ако е испратено по пошта.

Откако го доби упатниот акт за затвор со датум 17 јули, Кочан еднаш се обиде да добие одложување, но од Основниот кривичен суд тоа беше одбиено.

Затворската казна која треба да ја одлежи бизнисменот е поради манипулации за добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација. Кочан е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Тој првично доби шест години, но Апелација му ја намали казната.

Второобвинет беше Василие Авировиќ. Тој исто така беше осуден на затвор од три години, но второстепениот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.

Покрај нив, во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...