Преку новата француска стратегија за земјите од Западниот Балкан, која во јуни ја објави претседателот Емануел Макрон во Берлин, ќе се конкретизира нашиот ангажман за да можете што побрзо и што поефикасно да ги достигнете европските стандарди кон кои народите од овој регион се стремат со полно право. Во тој поглед Преспанскиот договор отвори нови перспективи за иднината.
Ова го истакна францускиот амбасадор Критијан Тимоние синоќа на свеченоста по повод Националниот празник на Франција 14 Јули што се орджа во Музејот на современа уметност на која присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерката Радмила Шекеринска, министри во Владата, претставници на институции, на дипломатскиот кор и други гости.
– Наесен очекуваме да завршат подготовките околу договорот со македонските власти за да може да отпочне со работа Француската агенција за развој и да соработува во клучни области со државните и со локалните власти, но и со граѓанскиот сектор како што се животната средина и урбанизмот за кои веќе се реализирани подготвителни мисии – рече Тимоние.
Осврнувајќи се на евроинтеграциите, амбасадорот Тимоние се наврати на како што рече, честите контакти и неодамнешната посета на француската министерка за европски прашања кои вели, создаваат корисен и отворен дијалог околу нашата европска аспирација.
– Истите ги разбираме и ги поддржуваме посакувајќи суштинска промена во управувањето со европскиот проект. Тој проект носи голема надеж која ние не треба да ја изневериме – кажа Тимоние.
Како полноправна членка на НАТО, Париз, рече, посакува да се зголеми македонското присуство во мировни мисии под европско покровителство, а нагласи и дека фокусот на реформите треба да биде во насока на зацврстување на владеење на правото.
– Ја користам приликата да им се заблагодарам на сите оние кои работат заедно со нас за развој на Франкофонијата и соработуваат во спроведувањето на реформите за зајакнување на владеењето на правото кое треба да биде во центарот на нашите заеднички активности. Ќе продолжиме да работиме на тој план во духот на стабилноста и просперитетот на овој регион, кој е дел од иднината на Европа. Северна Македонија со своите успешни реформи, со борбата против корупцијата, со градење на мирно општество и целосна соработка со соседите може да биде пример за тоа – порача францускиот амбасадор Кристиан Тимоние.
Photo: EPA / MICHEL EULER