Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 11 часот ја закажа седницата за доверба на Владата, побарана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Џафери за четврток,пак, ги одложи продолженијата на три седници, што беа планирани за денеска, а на кои како останати точки од дневниот ред се реформските закони.
На 22. седница се измените и дополнувањата на законот за Заштита на сведоци, по скратена постапка, на 34-та е дополнувањето на Законот за судовите, во второ читање, а на 35-та се дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, во второ читање.
Во четврток се очекува да биде закажана уште една седница на која ќе се гласаат и законите за следење на комуникациите, што денеска треба да поминат на Комисијата за одбрана и безбедност.
На продолженијата на седниците во четврток се очекува да присуствуваат и пратениците од опозициската партија, кои најавија дека ќе учествуваат во работата на Собранието по седницата за интерпелација на Владата.
Реформските закони, кои се усогласени и со опозицијата, треба да бидат донесени до крајот на неделата, пред објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на земјата на 17 април.