69 авиони и 39 хеликоптери на парадата за Денот на падот на Бастилја, Макрон најави команда на вселенски сили

203

Во Париз во тек е парадата по повод францускиот национален празник, Ден на падот на Бастилја, а покрај домаќинот претседателот Емануел Макрон, дефилето го следат германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенверг, претседателот на ЕК во заминување Жан-Клод Јункер и други угледни гости.

Меѓу присутните не е британската премиерка Тереза Меј, а во нејзино име на парадата е пристигнат вицепремиерот Дејвид Лајдингтон.

Франција ќе ги покаже одбранбените капацитети на ЕУ со истакнување во преден план на европската воена соработка на парадата по повод Денот на падот на Бастилја во знак на сеќавање на 14 јули 1789 година, кога тврдината-затвор била освоена за време на Француската револуција.

Демонстрирањето на воената соработка во рамки на ЕУ се случува во момент на зголемени тензии со САД.

Денот на падот на Бастилја ќе биде одбележан низ цела Франција со паради, прослави, огномети, а во Париз пожарникарите традиционално ќе ги отворат вратите од своите станици за организирање забави со граѓаните. Ќе се одржи и голем концерт кај Ајфеловата кула.

Се наведува дека денешната парада во Париз има пошироко политичко значење, бидејќи јакнењето на одбранбената соработка е една од главните цели кои ги постави Макрон во надворешната политика, а францускиот претседател не покажува какви било знаци на колебање околу тоа и покрај зголемените политички превирања во Германија и претстојниот излез на Велика Британија од ЕУ.

На Елисејските полиња денеска ќе продефилираат воени сили од девет земји, кои покрај Франција се дел од Европската иницијатива за интервенции (Е2И), вклучувајќи ги Велика Британија и Германија, а на небото ќе прелетаат германски транспортни авиони А400М, шпански С130 и два британски хеликоптера „џинук“.

На парадата ќе учествуваат и припадници на Француско-германската бригада (БФА), која има 5.000 луѓе, а основана е во 1989 година како симбол на повоеното единство меѓу Франција и Германија и сега прославува 30-годишнина.

Како што наведуваат локалните медиуми, на парадата во центарот на Париз ќе учествуваат околу 4.300 припадници на оружените сили, 196 возила, 237 коњи, 69 авиони и 39 хеликоптери.

Макрон во предвечерието на националниот празник на Франција – 14 јули, обраќајќи ѝ се на армијата во Министерството за одбрана, најави создавање команда на национални воени вселенски сили, што ќе биде дел од воздухопловните сили на Франција, јави дописникот на МИА.

– За да се гарантира развојот и зајакнувањето на нашиот капацитет во вселената, во септември ќе биде создадена Врховна команда за вселената, рече Макрон пред војниците и офицерите во Министертвото за одбрана во хотелот Де Бриен.

Макрон зборуваше за „новите зони на конфронтации“, како што се вселената и кибер просторот, а според него тоа се „вистински проблем за националната безбедност“.

– Новата вселенска и воена доктрина, која ми беше предложена од Министерството за одбрана, ќе ни овозможи да ја гарантираме нашата заштита во вселената. Ќе ги засилиме знаењата за ситуацијата во вселената, ќе ги заштитиме подобро нашите сателити, додаде тој.

Франција има план за воени трошоци за 2019-2025 година, издвојувајќи 3,6 милијарди евра за одбраната во вселената. Ова вклучува обновување на комуникациските сателити за набљудување, пуштање во орбитата три сателити за електромагнетно набљудување на ЦЕРЕС и модернизација на системот за просторен радар за следење, наречен ГРАВЕС.

Еден ден претходно францускиот претседател ја претстави новата класа на нуклеарни подморници, со кои Франција може да им парира на САД и Русија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...