Заев и Клаузевиц во „специјалната војна“ против Русија

Невнимателниот Заев дозволи широко да се подотвори Пандорината кутија на сајбер-злото. Не би го обвинил ако не успееше да ја затвори таа опасна кутија онака подотворена, но го обвинувам што не се обиде да го стори тоа. Оти, се обложувам дека тој знае, како што знам и јас, а како што знаат и неколку други добро информирани луѓе, дека изворите и менаџерите на „бомбашките“ напади и на „бомбашкиот“ рекет во Македонија се исти. И кон нив води една јасна линија на влијание однадвор. Не баш од Русија. По таа линија, кон Македонија веќе неколку години се води една прикриена „специјална војна“, која повремено се разгорува во инциденти и во политички атаци врз македонскиот државен врв.

5985

Деновиве се изначитав високоумни анализи за „специјалната војна“ што ја води Русија против Македонија. Путинова Русија, ама со помош на овдешните, локални „колаборационисти“, во ликот на ВМРО-ДПМНЕ, некои опозициски новинари и дел од разочараните „шарени револуционери“. Читав и навистина научив многу. За целите, за методите, за орудијата, за тоа што е хибридна и што е сајбер-војна. Одлични есеи.

Но, мене ми се чини дека целата таа „наука“ (на која не ѝ недостасуваат теоретска подлога и компаративни искуства), барем што се однесува до оваа наша „специјална војна“ со Русиве, не е многу повеќе од панично, пропагандно и непримерно ламентирање за една наводна опасност, која сепак не е темелно фундирана во геополитичката реалност. И затоа тврдам дека овој мегаспин на владата на Зоран Заев ѝ нанесува повеќе штета одошто корист.

Чуму оваа паника, другарчиња?

При тоа, се разбира, го имам предвид неспорниот факт дека Македонија е една од точките на кои се судираат интересите на Русија и на Западот. Да повторам, една од точките. И да додадам – ниту најважната, ниту пресудната конфликтна точка за руската политика за Балканот. Напротив, моите сознанија се дека Путин одамна има пресечено и има кажано дека Русија ја препознава Македонија како дел од западната политичка хемисфера. Има македонски политичари кои ова може да го потврдат.

Во таа смисла, евентуалните московски замешателства во скопските политички (не)прилики можат да бидат само дел од некаков глобален руски план за дестабилизиација на нашиот регион, при што централна точка на интересот на Путин може да биде само Србија. Но, дури и тоа е една прилично „тенка“ теорија. Како и да е, тоа што Македонија, од аспирант, еве веќе речиси станува полноправна членка на НАТО – при евидентно отсуство на силно руско противење на процесот! – не значи дека Скопје не треба да негува коректни и пријателски односи со Москва. Не беше стариот лисец Глигоров будала кога зборуваше за еквидистанца.

Инаку, олку панични аларми дека нашата татковина е таргет на „специјална војна“ однадвор (секогаш во соработка со домашните „предавници“, тоа е задолжителна матрица) јас немам слушнато од 1980-1981 година, од часовите по МПВ (морално политичко воспитување), во ЈНА. Тито само што беше починал и веќе се насетуваше распадот на југословенската федерација. Јас имав 18 години и со загриженост ги слушав офицерите кои нѐ подготвуваа за одлучна битка со нашите „непријатели“ од Исток и од Запад, за моментот кога „специјалната војна“ ќе премине во „конвенционална“.

Што толку се распаѓа во Македонија Северна денес, за власта да демонстрира ваква непотребна паника и олку високо да го крева гардот?

Дента кога се очекуваше објаснување од владата во Скопје за разговорите на премиерот Зоран Заев со руските пранкери, навистина очекував тој брзо да ја затвори непријатната епизода, со кусо владино соопштение дека измамниците успеале да стапат во контакт со него и да ги злоупотребат неговата наивност и отвореност. И – толку. Потоа, според редот на нештата, без непотребно известување на јавноста, Заев требаше да направи еден круг разговори со сите личности што ги спомнал во своите разговори со „сајбер-воините“ и да им се извини на засегнатите (тој тоа и го стори). И пак велам, тука и така требаше да заврши сѐ. Со извлечена поука што сѐ треба да се прави во иднина, за да не ни се случуваат вакви глупости.

Но, очигледно е дека некој го посоветувал премиерот на Македонија Северна да објави дека тој и неговата земја се жртва на „специјална војна“ што ја води Русија против нас, дека неговите тези во разговорите со пранкерите биле „патриотски“ и исправени во една морална вертикала. И подоцна, да се пушти и спинот дека оваа битка е во координација со „сајбер-војната“ што против владата на Заев се води со емитување нови нелегално снимени разговори, од оној фонд од „две третини“ со кои наводно располага сегашната опозиција а поранешната власт, наспроти онаа „една третина“ што од поранешната власт премина во рацете на Заев и потоа во Специјалното јавно обвинителство.

За жал, понесен од привлечната улога на жртва, но и морален победник во пресудната битка на „специјалната војна“ со Русите – имено, битката со руските заебанти – Заев очигледно одлучил да ја прифати тактиката на проширување на фронтот. Во историјата на војувањето, од Александар Велики до Атила, од Наполеон до Хитлер, отворањето нови фронтови се покажа како стратешка грешка. Но, изгледа дека младиот и амбициозен Клаузевиц, од владината пи-ар служба претпоставувам, на тие лекции по историја не бил на часовите, лепел плакати или истурал боја по барокот од стиропор.

И ете во која насока кинисаа собитијата…

Го препознавате ли непријателот, другарчиња?

Еднаш си зедов слобода на Заев јавно да му порачам дека таа игра со старите и со новите „бомби“ еден ден ќе му се удри од главата и да го посоветувам да ги мотивира (да не речам, да ги натера) сите достапни примарни извори на нелегално прислушуваните разговори, на еден „бомбашки“ самит да одлучат барем оној дел од „бомбите“ што се под нивна контрола, заеднички да ги заклучат во бункер, кој веќе нема да се отвора по никоја цена. Мислев и сѐ уште мислам дека токму Заев, како првичен менаџер со „бомбите“ и човек кој може најдобро да ги лоцира примарните извори, себеси си должи еден ваков обид да го запре неконтролираното истекување на овој опасен, токсичен материјал во јавноста. За негово добро, меѓу другото…

Не знам, но имав впечаток дека бев погрешно разбран, односно дека мојот совет беше протолкуван како злонамерен (или Заев самиот, или некои луѓе околу него, ете успеале во намерата сѐ што излегува од моето перо да се толкува како зла намера). И така, силните и одлучни удари, што во „сајбер-војната“ сега ги задава спин-центарот чиј експонент е фамозниот Ел Чека, покажуваат дека сепак ќе беше попаметно Заев да ме послуша. Оти, се обложувам дека тој знае, како што знам и јас, а како што знаат и неколку други добро информирани луѓе, дека изворите и менаџерите на „бомбашките“ напади и на „бомбашкиот“ рекет во Македонија се исти. И кон нив води една јасна линија на влијание однадвор. Не баш од Русија. По таа линија – еве да го искористам и јас речникот на велеумните аналитичари – кон Македонија веќе неколку години се води една прикриена „специјална војна“, која повремено се разгорува во инциденти и во политички атаци врз македонскиот државен врв.

Како и да е, невнимателниот Заев дозволи широко да се подотвори Пандорината кутија на сајбер-злото. Не би го обвинил ако не успееше да ја затвори таа опасна кутија онака подотворена, но го обвинувам што не се обиде да го стори тоа. Мислам дека имаше и можеби сѐ уште има сили да затвори некои фронтови на „сајбер-војната“ и да изгради фортифификациски пречки што ќе го спречат секојдневното компромитирање и скандализирање на политичкиот живот во Македонија со „бомбашки напади“.

Нејсе, речиси сум сигурен дека и Заев и другарчињата од партијата и од владините служби што му помагаат или одмагаат во креирањето на политиките и на неговиот имиџ, оваа моја порака пак погрешно ќе ја протолкуваат и ќе ја означат како „курнаска“. Непријателска, во секој случај. Ама мене веќе ми е сеедно, право да ви кажам, бидејќи сфатив со какви шапшали си имам работа. Но, мислам дека на Заев не му е сеедно и дека од ден на ден ќе му биде сѐ потешко да се снаоѓа во оваа калакурница од параполитика, да чекори во ова опасно минско поле без да направи погрешен чекор.

Може ли да се спаси? Верувам дека може, ако сфати дека во секоја војна, па и во „специјалната“, поумно е да се бараат пријатели отколку да се измислуваат непријатели. И уште една работа, што може да ја научи од вистинскиот Клаузевиц – победникот во војната секогаш е љубител на мирот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...