При влегувањето на граѓаните во прес-центарот на Собранието првите настапија веднаш со напад кон Зоран Заев, Оливер Спасовски, Александар Кирацовски и другите во првиот ред од кордонот. До мене не доаѓа ниеден бидејќи бев позади. Цело време бев во комуникација со фамилијата и други луѓе кои ми се јавуваа, бидејќи на телевизија гледаа што се случува, сведочи Талат Џафери за упадот на 27 април лани.
– Почнаа прво физички да напаѓаат, а потоа со се што беше маваа кон нас. Првично беа насочени кон тие во првата линија. Цел бевме сите што бевме внатре. Ние што бевме позади не можеа да дојдат до нас. Извикуваа: „Ќе ве убиеме сите, нема да излезете од тука, ќе ве убиеме сите“. Потоа поединечно во вербалните закани почнаа да ги споменуваат Заев, Спасовски, Шекеринска, Села.. На Села му укажував да стои на едно место и да не се помрднува. Во еден момент се свртев и го немаше, најверојатно додека сум зборувал на телефон – рече Џафери.
Тој кажа дека Села стоел од едната страна, пред него стоеле пратениците Весел Мемети и Сирија Рашити, но потоа нив ги немало, исто како и Села.
– Прво помислив дека некој го евакуирал Села. Но, потоа слушнав дека некој од напаѓачите рече „со Села завршивме, редот е на Вас“. Викаа нема да излеземе, ќе натераат Заев и другите да потпишат дека нема да прифатат ништо што се случувало во собраниска сала – сведочи Џафери.
Потоа тој посочи дека не го видел Села.
– Не евакуираа од прес центарот и не евакуираа во канцеларијата на Владимир Ѓорчев и од Никола Тодоров слушнавме дека Села и Шекеринска се тешко повредени. Тој прашуваше каде им се канцелариите за ако може таму да ги однесат – рече претседателот на Собранието.
Кога биле евакуирани од Собранието во касарната „Ѓорче Петров“ тој рече дека со обезбедување заминал во Клинички центар да го посети Села. Видел дека е со тешки повреди и рекле дека се борат да му го спасат животот. Од клиниката Џафери рече оти заминал дома.
Тој посочи и дека имало лица со фантомки, а за видео снимки од камерите во прес-центарот рече дека не знае дали работат.
– Порано имаше камери кога таму беше сала за комисија. Потоа кога се претвори во прес-центар и не знам, но претпоставувам дека треба да работат – посочи собранискиот спикер.