Федералното регулаторно тело на САД одобри рекордна парична казна од 5 милијарди долари за компанијата „Фејсбук“ во рамки на истрагата за прекршување на приватноста на податоците.
Американската сојузна трговска комисија (ФТЦ) ги испитуваше тврдењата дека политичката консултантска фирма Кембриџ Аналитика на нелегален начин дошла до податоци за 87 милиони корисници на Фејсбук. Ова е најголемата казна доделена на една технолошка компанија и далеку ја надминува втората највисока казна од 22 милиони долари изречена на „Гугл“ во 2012 година.
Поради казната „Фејбук“ ќе биде подложен и на дополнителни рестрикции и подолг период ќе биде под строг надзор. Случајот сега ќе биде поднесен до цивилното одделение на Министерството за правда за ревизија. Не е познато колку долго овој процес ќе трае, но се очекува дека мерката ќе биде одобрена.
„Фејсбук“ имаше приходи од речиси 56 милијарди долари лани, а аналитичарите оваа година очекуваат околу 69 милијарди долари.