Претседателот на српскиот парламентарен одбор за Косово и Метохија, Милован Дрецун тврди дека силен разузнавачки тим формиран пред два месеца работи на блокирање на компромисно решение меѓу Белград и Приштина. Според него, тимот го сочинуваат разузнавачи од Бугарија, Албанија, Македонија и Германијa, а е маскиран во авто-салон на еден голем западен произведувач на автомобили во Скопје.
– Се води јака кампања во некои соседни држави против постигнувањето било какво компромисно решение, Македонија станува центар за силно разузнавачко дејствување против интересите на Србија. Секое постигнување компромисно решение е темелен столб за стабилизација на овој регион, а непостигнување компромис меѓу Белград и Приштина е подготовка за нови судири во регионот и создавање „Голема Албанија“ – тврди Дрецун во интервју за српски „Курир“.
Тој смета дека нивната цел е да ѝ наштетат на Србија.
– Што можат тие да работат освен да собираат информации и да шират дезинформации. Тимот не е формиран да ги штити нашите интереси, туку да работи спротивно од нив. Тоа не е наивно, можат да изведат некоја медиумска или политичка диверзија, дури и да предизвикаат судир – вели тој.