Пендаровски: Музиката на Ванеса е гласно сведоштво дека наместо да се исклучуваат, различните култури можат да се надополнуваат

612

Како покровител на фестивалот „Охридско лето“, задоволство ми е да бидам вечерва со вас во градот на УНЕСКО, рече вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски на свеченото отворање на 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

– Во наредните 40 дена ќе бидеме граѓани на уште една наша заедничка татковина. Таа постои од почетокот на човештвото. Нејзините граници се исцртани од човековата креативност. Во неа се зборува универзален јазик и важат споделени вредности. Во таа татковина има место за секого – и за ранливите, и за исклучените и за обесправените. Таа татковина ја градат луѓе кои веруваат во моќта на убавината, да поврзува наместо да разделува. Татковината за која зборувам е уметноста.

Годинешното „Охридско лето“ го отвора токму таков светски познат уметник. Виолинистката Ванеса Меј презеде ризик и понуди нов музички стил што излегува од конвенционалните рамки. Таа создава музика што е длабоко вкоренета во традицијата, а сепак релевантна за сегашноста и насочена кон иднината. Во неа го препознаваме ритамот што ги поврзува природата и човештвото. Музиката на Ванеса е гласно сведоштво дека наместо да се исклучуваат, различните културни влијанија можат да се надополнуваат создавајќи поголема вредност. И можеби токму затоа, нејзината музика помирува и поврзува милиони луѓе од различни нации и генерации.

Како што го започнавме нашето патешествие, да ѝ дозволиме на уметноста да нѐ инспирира на храбри потфати. Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни културни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност и за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство во регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сѐ што е во нашата моќ да го сочуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да направиме простор и за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други, а заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор.

И во сѐ што правиме да не се задоволуваме со просечност, туку инспирирани од уметници како Ванеса Меј да го даваме најдоброто од нас. Само така ќе освојуваме нови врвови и ќе постигнуваме нови успеси на секое поле од животот.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...