Осудениот бизнисмен Сеад Кочан, кој на 17 јули треба да се појави на капија во затворот Идризово да почне да ја отслужува затворската казна од 4 години и осум месеци, е примен на лекување во една приватна болница во Скопје, објави порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.
Информацијата ја потврдуваат и од Основниот кривичен суд од каде велат дека Кочан бара да се одложи одењето во затвор.
Тој веќе еднаш бараше одлагање на извршувањето на затворската казна, но судот го одби барањето.
Паралелно, Кочан бара и вонреден правен лек односно Врховен да ја преиспита пресудата. На ваков начин преку Врховниот суд од одење во затвор се спаси и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Бизнисменот е осуден во предметот „Труст“ на СЈО. Тој е единствениот од овој предмет кој треба да одлежи затворска казна. Второобвинетиот, Василие Авировиќ, исто така беше осуден на затвор од три години, но Апелацискиот суд му ја преиначи казната и му одреди условна односно две години затвор кои нема да се извршат ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Третиот кој беше обвинет во предметот, Сафет Ватиќ, доби ослободителна пресуда.
Во обвинението на СЈО се најдоа и три фирми, „Трансмет“, „Силекс неметали – Кратово“ и „Вато“, од кои третата беше ослободена. За другите судот одреди и конфискација на имот од околу 17 милиони евра.
„Труст“ се однесуваше на добивање тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување лажна документација.