По големото и катастрофално невреме со силен ветер од над 100 километри на час, но со кратко траење, што однесе седум човечки жртви, на Халкидики од вчера се пребројуваат и санираат штетите.
Според грчки владини извори, патната мрежа е целосно санирана, со исклучок на патот Мудања-Касандра каде што паднаа столбови на грчката електродистрибуција, десет граѓани кои остана без кров на глава се згрижени во хотели и соби, со помош на војската биле обезбедени генератори за инфраструктурите од стратешко значење кои останаа без струја (полициските станици, противпожарните единици, општината и сл), а за трите најпогодени општини и селата кои останаа без вода, формирани се специјални простории со флаширана вода за пиење, јави дописничката на МИА од Атина.
Интензивно се работи на санирање на проблемот со електричната енергија, а според генералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, станува збор за најголема бура во последните 35 години и најголема штета на мрежата на грчката електродистрибуција во нејзината историја.
– Водиме битка за да се санира проблемот со снабдување со електрична енергија на Халкидики во следните 24 часа иако првичниот временски рок беше 72 часа – рече синоќа генералниот секретар за цивилна заштита, Никос Хардаљас за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Во невремето животот го загубија вкупно седум лица, меѓу кои и деца, шест туристи од Романија, Русија и Чешка и еден рибар чие тело вчера го лоцираше хеликоптер на грчката воена морнарица, а кој над 15 часа се водеше за исчезнат во морскиот дел на Каликратиа.
Од почетокот на невремето до вчера над 120 граѓани со возила на брзата помош или со свои возила биле пренесени во трите солунски болници и во една на Халкидики, додека пак официјално, повредени се 23 лица од кои една 72-годишна жена е во критична состојба.
Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас вчера одржа вонреден брифинг со новинарите на кој одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали имаат информации за повредените дали се Грци или странски државјани рече дека повеќето од нив се туристи.
– Информирањето за повредените е континуирано, се известуваат нивните амбасади. Не би сакал да коментирам пред да се известат нивните амбасади, но повеќето од нив се туристи – одговори Пецас.
Владиниот портпарол објасни дека од Министерството за надворешни работи ги известуваат амбасадите на земјите од каде што се жртвите и повредените.
Како што вчера објави МИА, дипломатските претставништва на Република Северна Македонија во Грција, не добиле официјално известување за македонски државјани меѓу повредените, а истото произлезе и од нивната сопствена иницијатива за добивање информации за повредени наши граѓани.
Од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија вчера соопштија дека е отворен дежурен број од Генералниот конзулат во Солун на кој македонските државјани ќе можат да се јават доколку евентуално се повредени во невремето.
Дежурниот број е 00306987200410.
До вчера, ниеден македонски државјанин не пријавил ниту штета од невремето.
Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, Министерството за надворешни работи на Грција, како и лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас изразија сочувство до семејствата на загинатите.
ФОТО: EPA / VERVERIDIS VASSILIS