Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека мора да се грижи за своето здравје откако трипати се тресеше на јавни настапи.
– Прво, можете да разберете дека сум свесна за одговорноста на мојата работа. Одговорно се однесувам кога моето здравје е во прашање – одговори Меркел на новинарско прашање за нејзиното здравје на заедничката прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен.
Таа рече дека наредната недела ќе го прослави 65.роденден, шегувајќи се дека секој роденден ја потсетува дека е постара.
– И јас лично сум заинтересирана да бидам здрава и се грижам за своето здравје – истакна Меркел.
Германската канцеларка и данската премиерка денеска седеа за време на интонирањето на химните во Берлин.
Меркел притоа не покажа симптоми за лошо здравје, но со гостинката седеше пред зградата на Владата во Берлин, што е невообичаено за време на укажување воени и државни почести.
Канцеларката вчера, за време на воените почести при приемот на финскиот премиер Анти Рине, повторно не се чувствуваше добро и трепереше.
Тоа е третпат како се случува истата сцена, првпат на 18 јуни за време на пречекот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, а потоа на 27 јуни додека стоеше покрај германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер при церемонијата за назначување нов министер за правда.
ФОТО: EPA / FELIPE TRUEBA