Коко се врати со друштво од Холандија

428

Познатото шимпанзо Коко кое 10 години се ресоцијализираше во Холандија повторно е во својот дом, во скопската Зоолошка градина. Коко пристигна во Скопје со уште три шимпанза – Мими, Роси и Хјасл со кои ќе го дели живеалиштето.

На прес-конференција на која присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, дел од тимот на AAP Animal Advocasy and Protection, каде што Коко престојуваше изминатата деценија и зоо-негувателите кои го чуваа Коко пред да замине за Холандија, беа соопштени сите детали за шимпанзата – нивните приказни, навики и карактеристики, а беше промовирано и новото живеалиште каде што тие ќе живеат.

– Новото живеалиште за шимпанза ги исполнува сите европски стандарди, што беше и еден од условите за нивното доаѓање во Скопје. Континуирано ја збогатуваме понудата на Зоолошката градина – лани пристигнаа слоновите, а сега работиме на тоа да донесеме фламинга и пингвини. Најдоцна до следната пролет овде ќе биде отворен дино-паркот. Градот Скопје сериозно инвестира во Зоолошката градина, а граѓаните тоа го препознаваат, па посетата во одредени периоди стигнува и до 30.000 посетители. Во изминатиов период преку јавните претпријатија работевме на уредување нови патеки, а за првпат по 15 години го исчистивме големото езеро со цел да создадеме подобри услови за живот на животните, а на граѓаните престојот во Зоолошката да им биде попријатен. Зоолошката градина полека станува заштитен знак на Скопје – рече градоначалникот Шилегов.

Живеалиштето за шимпанзата има голем внатрешен и надворешен дел и е збогатено со голем број реквизити. Коко, Мими, Роси и Хјасл од карантинот денеска беа префрлени во големиот внатрешен објект и се запознаа со својот нов дом.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...