МНР: Досега нема информации за настрадани македонски државјани на Халкидики

Македонските граѓани кои евентуално се повредени во невремето во Грција можат да го контактираат Генералниот конзулат во Солун на следниве телефони: 00302310277347 и 00302310277348

107

До овој момент нема информации за настрадани државјани на Северна Македонија во невремето што го зафати поширокиот грчки регион Халкидики, потврдија за МИА од МНР.

Засега ниеден македонски државјанин не пријавил ниту штета од невремето. Во тек се дополнителни проверки од страна на надлежните институции.

Заради нерасчистени патишта, паднати дрвја и проблеми со снабдувањето на електрична енергија во регионот, локалните власти препорачуваат да се избегнува движење во тој дел на земјата додека трае расчистувањето и не се нормализира снабдувањето со струја.

Генералниот конзулат на Северна Македонија е во постојан контакт со надлежните служби. Македонските граѓани кои евентуално се повредени во невремето во Грција можат да го контактираат Генералниот конзулат во Солун на следниве телефони:00302310277347

00302310277348

Контакт од нашата амбасада во Атина:

00302106749585

Во невремето што го погоди Халкидики, една најпосетуваните летни дестинации на македонските туристи, животот го загубија најмалку шест лица, меѓу кои и две деца. Едно лице се води како исчезнато, десетици се повредени, причинета е голема материјална штета и има прекин на снабдувањето со електрична енергија, јави дописничката на МИА од Атина.

Жртвите од невремето се туристи од Романија, Чешка и Русија кои биле во близина на првиот крак, додека, пак, од вчера попладне еден рибар се води како исчезнат.

Повредените се пренесени во неколку болници на Халкидики и во Солун, а една жена е хоспитализирана на интензивна нега. Неофицијално, меѓу повредените има и деца.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...