Шеесет и петгодишната Дарја Илиќ секоја година доаѓа во Крушево да го посети гробот на пејачот Тоше Проески. Ја сретнавме таму тагувајќи за прерано заминатиот млад живот, ни кажа дека ја обожава неговата музика и дека по македонската ѕвезда тагувале и фанови надвор од нашата држава.
– Ќерка ми е повеќе заинтересирана за американската сцена, па не знае многу што се случува тука на Балканот. Но, еден ден случајно на телевизор ја слушнав песната „Волим осмех твој“, па ги изгледав последните кадри од спотот. Не му го знаев името, ниту кој е, ниту од каде е. Но гледав во овој преубав човек пред мене со ангелски глас кој ми ја милуваше душата. По неколку дена на радио слушнав дека познат пејач го изгубил животот. Кога дознав дека тоа е всушност тој, што го гледав на телевизија и кој ми остана во сеќавање, бев скршена. Почнав да барам, да се информирам, да знам кој е. Знаев дека е добар пејач, сакав да дознаам каков човек бил. Немав тогаш компјутер, па сестра ми ми носеше од книжарница испринтани листови. Во весниците во Словенија кои ги купив, имаше само пофални зборови. Пишуваше „Фала Тоше, збогум пријателе наш, пеј со ангелите“. Си реков, вакви работи за некој кој не е од Словенија, па тоа мора да е навистина посебен човек – за Плусинфо рече Илиќ, која работела во банка, а сега е пензионерка.
Со нас сподели дека е фан и на Елвис Присли.
– Многу го сакав Елвис, 30 години го слушав со радост. Како замина имаше малку болка, ама сега повторно го слушам со радост – ни рече таа.
Кога Дарја им соопштила на ќерката и сопругот дека сака да оди во Крушево за да го посети гробот на Тоше, нејзините се обидувале да ја спречат. Претходно не била во Македонија, па нејзините ја прашувале каде ќе оди сама во непознато.
– Кога сфатија дека нема да попуштам, се помирија, па ќерка ми почна да се распрашува за тоа каде би можела да се сместам. Се сеќавам дека ѝ рекле, па каде беше до сега жено, сѐ е полно. Ама сепак најдов место и дојдов тука, бев како подобранец помеѓу сите тие фанови. Имаше и постари, но и многу млади лица. Тие знаеја што сакаше Тоше, знаеја песните да ги пејат, а јас само гледав – рече Илиќ.
Прв пат дошла кон крајот на април и почетокот на мај 2008 година, а оттогаш научила македонски јазик, како што вели, колку да се разбере.
Како дете, ја слушала мајка ѝ како пее „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, дури сега дознала дека тоа е македонска песна.
Нагласи дека во Крушево доаѓале странци од сите страни на светот.
– И мојата ќерка и мојот сопруг имаат разбирање за моето доаѓање. Ќерка ми е католик, маж ми е православен. Имам и едно и друго. Господ е само еден – рече таа.
Ни раскажа и за фотографијата од Тоше, за која мислела дека е фотомонтажа, пред да ја дознае приказната за неа.
– Пријателка од Скопје ми кажа, тоа било 15 мај 2006 – та година на Матка. Се правеле снимки за албум. Одеднаш од шума излегол дивојарец. Сите избегале, само Тоше стоел во место. И дошол право до него и пред него застанал и ја подал главата. Ја држел главата така за да може фотографот да се врати и да направи слика. Тој кажал дека Тоше не е обичен човек – раскажа Словенката.