Претседателот на САД Доналд Трамп изјави денеска дека претресот, кој ФБИ го изврши во канцеларијата на неговиот долгогодишен адвокат Мајкл Коен е срамна акција и оти претставува „лов на вештерки“.
Трамп го окарактеризира специјалниот тим за испитување на руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година предводен од Роберт Малер, како најпристрасна група на луѓе и го повтори својот став дека државниот обвинител Џеф Сешнс не требал да се изземе од надгледување на истрагата на Малер.
„Њујорк тајмс“ објави дека ФБИ вчера изврши претрес во канцеларијата на адвокатот на претседателот на САД, Доналд Трамп и заплени документи кои се поврзани со неколку теми.
Според информации на весникот, меѓу материјалите се и некои, кои се однесуваат на исплатата на порно актерката Сторми Даниелс.
Јавните обвинители во Менхетен издале налог за претрес откако примиле препорака од специјалниот обвинител Роберт Малер, изјави адвокатот на Коен, Стефен Рајан, кој тој претрес го окарактеризира како „целосно несоодветен и непотребен”.
„Њујорк тајмс” наведе дека претресот не е директно поврзан со истрагата на Малер, но најверојатно е резултат на информациите кои тој ги открил и ги дал на обвинители во Њујорк.
– Денеска Канцеларијата на американскиот обвинител за јужниот дел на Њујорк издаде серија на налози за претрес и одземање на доверлива комуникација помеѓу мојот клиент Мајкл Коен и неговите клиенти, изјави вчера адвокатот на Коен.
За него медиумите пишуваа дека и платил 130.000 долари на Сторми Даниелс за да молчи за средбите со американскиот претседател Трамп.
Исплатата на Даниелс, според неименуван извор запознаен со случајот, е само една од големиот број теми кои се истражуваат.
Рајан и Коен, наводно, соработувале со властите и на Конгресот му предале илјадници документи во врска со руското мешање.
ФБИ, исто така, заплени имејлови, документи за даноци и работи, изјави неименуван извор.