Антикорупциска до Судскиот совет: Не може, кадија те тужи, кадија те суди!

720

Судиите на Врховниот суд против кои се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување од функциите, не треба да учествуваат во расправата и одлучувањето на општата седница каде ќе се утврдува начелното правно мислење по поднесените иницијативи, укажува Државната комисија за спречување на корупцијата.

Од ДКСК реагираат по сознанија дека, до Врховниот суд на Република Северна Македонија од страна на адвокат биле поднесени Иницијативи за носење на начелен став, односно начелно правно мислење по прашањето за тоа кој Закон за судовите, како материјален закон, ќе се применува од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија на веќе започнатите постапки за престанок, разрешување и основи за одговорност на судија, како и дека против 9 судии од Врховниот суд на Република Северна Македонија се отворени постапки во Судскиот совет на Република Северна Македонија за разрешување од функциите.

За ваквиот став, ДКСК посочува на три члена од Законот за спречување корупција и конфликт на интереси:

Согласно член 72
„(1) Службеното лице во своето работење, е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување. (2) Во случај на сомневање за постоење судир на интереси, службеното лице е должно да ги преземе сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес или приватниот интерес на друго лице врз извршувањето на неговите овластувања и должности и за тоа да го извести својот претпоставен. (3) Во случај на постоење на сомневање за судир на интереси, службеното лице е должно да побара мислење од Државната комисија.“

Согласно член 73
„(1) Ако службено лице учествува во расправа на орган или тело во кое се одлучува за работи зa кои тоа или блиско лице има приватен интерес, службеното лице е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето.
(2) Органот или телото на чија седница лицето од ставот (1) на овој член го соопштил постоењето на приватен интерес, е должно тоа да го констатира и внесе во записник.“

Согласно член 75
„(1) Кога службеното лице ќе дознае за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси, е должно веднаш да побара да биде изземено и да запре со своето постапување. (2) Службеното лице ќе биде изземено од вршењето на определено дејствие со одлука на органот во кој е избрано или именувано, односно каде што врши функции, јавни овластувања или службени должности и по барање на заинтересирано лице кое дознало за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси.“

Од ДКСК наведуваат дека доколку, судиите од Врховниот суд на РСМ против кои се отворени постапки во Судскиот совет на РСМ за разрешување од функциите, ќе го прикријаат постоењето на приватниот интерес и не постапат согласно цитираните одредби од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по што, претставува повреда на должноста, согласно член 73 став 3 од истиот закон, е основа за покренување постапка за утврдување на одговорност и изрекување на мерки согласно со овој закон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...