Зошто човекот кој кога зачекори на Месечината ја изговори сега веќе славната реченица „ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“ избегнувал да се појавува во јавноста и сето она што товарот на славата го подразбира – открива новата книга посветена на мистериозниот американски астронаут.
Марк, синот на Нил Армстронг, вели дека неговиот татко дневно добивал и по неколку илјади писма иако не ја сакал славата. Другиот син, Ерик, додава дека Нил не се гледал себеси како херој. Слично тврди и Џејмс Хенсен, авторот на биографијата на Армстронг.
– Никогаш не сум запознал човек како што е Нил. Не беше егоист и не го интересираше да заработи на она што го направи. Неговата тогашна жена, Џенет, не забележувала никакви промени. За неа тој бил истиот Нил кој се вратил од Месечината – објаснува Хенсен.
Иако сè изгледало како нешто вообичаено, сепак мисијата од 1969 година драматично го променила живото на семејството Армстронг, по враќањето од славната експедиција. Нил се обидувал да живее обичен живот стравувајќи дека тоа што го сторил може да има влијание на неговите најблиски.Се плашел за животите на синовите Марк и Ерик, поучен од искуството на колегата пилот Чарлс Линдберг, човекот кој прв го прелета Атлантикот. Имено, синот на Линдберг стар само 20 месеци бил киднапиран и за него бил баран откуп од 50.000 долари. Кога откупот бил платен детето мртво било вратено на семејството. Оваа несреќна сторија започнала да го оптоварува Нил.
Неговиот син Марк рекол дека Нил знаел дека семејството добива предупредувачки пораки.
– Татко ми бегаше од славата поради тоа што не сакаше мене и на брат ми да ни се случи она што му се случи на синот на Чарлс Линдберг – рекол Марк.
Мисијата Аполо 11 се спушти на површината на сателитот на Земјата на 20 јули во 1969 година, а шест часа по слетувањето Нил Армстронг стана првиот човек кој зачекорил на Месечината.
Армстронг нешто повеќе од два часа минал на површината на Месечината, надвор од леталото Аполо 11 со кое управувал Мајкл Колинс. Колегата на Нил, Баз Олдрин кој бил на истата мисија се шетал на Месечината пократко од Нил. Двајцата астронаути собрале речиси 25 килограми материјал под тлото на Месечината и се вратиле на Земјата.
FOTO: NASA / WIKIPEDIA